1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ватикан ќе му суди на собарот на Папата

БГ/миа13 август 2012

Личниот собар на папата Бенедикт Шеснаесетти, Паоло Габриеле, кој беше уапсен на 23-ти мај под сомнение за кражба на документи од апартманот на папата, ќе биде изведен пред судот на државата на Ватикан.

https://p.dw.com/p/15opX
Фотографија: AP

Ова за новинарите во понеделникот го потврди портпаролот на Светата столица, монсињор Федерико Ломбарди. Покрај тоа, првпат е обелоденето дека за истиот случај е опфатено уште едно лице, програмер во Државниот секретаријат на Ватикан, Клаудио Шарпелети, кој исто така бил уапсен во мај. Сепак, според отецот Ломбарди, вината на овој технички работник е далеку помала, и тој не е директен соучесник на обвинетиот Паоло Габриеле.

Собарот на папата Бенедикт Шеснаесетти беше уапсен на 23-ти мај под сомнение дека поседува доверливи и лични документи на папата, до кои пристап имаат многу малку луѓе, освен Габриеле уште четири чесни сестри и двајца негови секретари.

Вредни предмети кај Габриеле

Официјалниот претставник на Светата столица, исто така, најави дека кај Габриеле не само што биле конфискувана документите украдени од папските одаи, туку и некои вредности, како и банкарски чек во износ од 100.000 евра, кој гласел на името на папата Бенедикт Шеснаесетти. Покрај тоа, станува збор и за грумен злато и ретко издание на „Енеидите“ (Aeneid) од 1581 година, кои биле подарени на папата.

Ломбарди, исто така, нагласил дека во периодот додека бил во притвор, врз Габриеле бил извршен психијатриски преглед. Според него, истрагата за кражбата на документи од папскиот апартман не е затворена.

Апсењето на Габриеле, кој беше член на потесниот круг лица коишто се грижат за папата или како што во Италија се нарекува ткн папското семејство, предизвика голем скандал кој ги надмина рамките на Ватикан. Габриеле беше уапсен во неговиот стан во Ватикан, каде што живеел со неговата сопруга и трите деца. Притоа кај него беа пронајдени неколку кутии со доверливи документи, вклучувајќи и приватни писма на папата, како и фотографска опрема потребна за копирање на доверливите документи.

Медиумите веќе ги објавија податоците

Овие документи пред подолго време веќе беа објавени или цитирани во италијанските медиуми, чијашто содржина предизвика големи главоболки во Светата столица. Во некои од документите наводно станувало збор за корупција, лошо раководење и ортачки поврзаности во Ватикан, како и за внатрешните несогласувања и управувањето со Ватиканската банка, а наводно во документите често било споменувано во негативен контекст името на државниот секретар на Ватикан, Таркизио Бертоне. Некои од овие документи беа објавени во книгата на Џанлуиџи Нуци, „Неговата Светост", во која се зборува за корупцијата и интригите во Ватикан.

Vatikan Kardinal Tarcisio Bertone
Кардиналот Таркизио БертонеФотографија: picture-alliance/dpa

Габриеле во мај беше обвинет за незаконско поседување тајни документи, и последните два и пол месеца ги мина во ткн „сигурна соба" на ватиканската полициска станица, имајќи предвид дека во Ватикан не постои затвор. Околу средината на јули Ломбарди објави дека Габриеле е преместен во домашен притвор.

На Габриеле му се закануваат 30 години затвор поради кршење на тајноста на писмата на шеф на државата, што може да се смета за поткопување на државната безбедност на Ватикан.

Претходно италијанските медиуми пишуваа доколку биде донесено решение за почнување судски процес, Паоло Габриеле би можел да добие затворска казна во траење од една до шест години, а Папата може да донесе одлука за негово помилување.