Ватерполистите- шести во Едмонтон
9 април 2012Ватерполо репрезентацијата на Македонија на шестото место го заврши предолимпискиот квалификациски турнир, кој изминатата недела се играше во Едмонтон, Канада. Ватерполистите во борбата за петтото место со 10:11 беа поразени од домаќинот Канада. Резултатот по четвртини: 0:4, 3:2, 3:2 и 4:3.
Головите за македонската репрезентација ги постигнаа: Мирослав Ранџиќ 4, Марко Мартиниќ 2, Даниел Бениќ 1, Димитар Димовски 1, Иван Басара 1 и Матео Чук 1.
Домашната репрезентација, прашањето на победникот го реши во првата четвртина кога се стекна со предност од четири гола (4:0). Во продолжение на мечот, „црвено-жолтите“ ја бркаат предноста, на 20 секунди до крајот резултатот бил 10:10, кога Канаѓаните го постигнале победничкиот гол.
Третото место на турнирот во Едмонтон го освои Грција која ја победи Романија со 14:10, додека со „златен медал“ од Канада замина Црна Гора, која во финалето ја совлада Шпанија со 12:9.