1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ватенмер-ново природно светско наследство

27 јуни 2009

Плиткиот крајбрежен појас на Северното море - Ватенмер е прогласен за светско природно наследство. Ватенемер е еколошки систем во кој живеат 3.000 животински видови.

https://p.dw.com/p/IcEH
ВатенмерФотографија: Stock/LKN-SH

На годишната седница на Комитетот за културно наследство на УНЕСКО што се оддржува во шпанскиот град Севиља беше донесена одлуката така нареченото Ватенмер - плиткиот крајбрежен појас на Северното море да биде прогласен за светско природно наследство. Овој природен простор во иднина ќе биде на исто рамниште со островите Галапагос, националниот парк Кранд Кањон, или австралиските подводни гребени.

Wattenmeer Dünenlandschaft Watt
Плиткиот крајбрежен појасФотографија: Stock/LKN-SH

Средноевропскиот Ватенмер се простира на површина од околу 13 илјади квадратни километри и претставува најголемиот поврзан плиток крајбрежен појас во светот. Тој е богат еколошки систем со брза динамика, кој е подложен на постојани промени поради плимата и осеката.

Два пати на ден, при осеката се ослободува површината на морето во ширина од 20 километри. По околу шест часа, плимата редовно носи нови хранливи материи. Еден квадратен метар од тлото во Ватенмер содржи повеќе животинска биомаса отколку почвата на тропските прашуми. Во Ватенмер живеат повеќе од 3.000 животински видови, од кои околу 250 живеат само таму. Плиткиот крајбрежен појас е важно место и за птиците преселници: десет до дванаесет милиони птици преселници секоја година доаѓаат на брегот на Северното море. Ватенмер е дом и за голем број морски цицачи како морските кучиња или фоките, и многубројни видови риби.

Wattenmeer Dünenlandschaft Watt Flash-Galerie
Морски цицачи во ВатенмерФотографија: Stock/LKN-SH

Поголемиот дел од Ватенмер, што се протега по должина од 450 километри од северниот брег на Данска па се’ до холандскиот град Ден Хелднер е национален парк или природен резерват. Ватенмер се создало по последното ледено доба. Топењето на глечерите го подигнувало морското ниво, а донесените седимети се таложеле во плиткиот крајбрежен регион.

Автор: АТ/ЖА/дпа