1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ван Ромпој: Датум за преговори само со решен спор со Грција

БГ/миа5 септември 2012

Ван Ромпој порача дека Македонија ќе добие датум за почеток на преговори за влез во ЕУ, откако ќе го реши спорот за името, јавува МИА од Брисел. Иванов барал од Ван Ромпој личен ангажман за надминување на спорот

https://p.dw.com/p/163qt
Фотографија: dapd

Ќе ја постигнете целта, откако ќе го решите прашањето за името со Грција. Ова е пораката која на македонскиот претседател Ѓорге Иванов денеска му ја испрати првиот човек на Европскиот совет, Херман ван Ромпој.

Ван Ромпој посочи дека со македонскиот претседател дискутирале за европската перспектива на Македонија како кандидат за членство на Унијата уште од 2005 година.

„Ги поздравувам досега спроведените реформи во Поранешната југословенска Република Македонија и ги охрабрив напорите во врска со слободата на изразување, изборната реформа и меѓуетничките односи. Внатрешната стабилност и помирувањето за ПЈРМ, но и за регионот, остануваат најважни сегменти. Затоа сакаме целосна имплементација на Охридскиот договор и силно го поддржуваме духот и словото на овој договор, кој е од есенцијално значење за демократијата и владеењето на правото, изјави претседателот на Европскиот совет по средбата со Иванов.

Ван Ромпој посочи дека со Иванов разговарал и за прашањето за името, при што ја нагласил релевантноста на добрососедските односи во пристапниот процес кон ЕУ и ги охрабрува двете држави да продолжат со преговорите со цел изнаоѓање на заеднички прифатливо решение.

„Затоа што регионалната соработка е суштинска за европската интеграција и во овој контекст го поздравувам претседавањето на вашата земја со Процесот на соработка во Југоисточна Европа. ЕУ останува целосно посветена на европска иднина на ПЈРМ и ја поздравувам силната јавна поддршка за ЕУ во земјата. Затоа сум убеден дека целта ќе ја постигнете откако ќе се реши прашањето за името, дециден беше првиот човек на Советот, додавајќи дека тој е подготвен да помогне, но дека е потребно е да бидат исполнети и неопходните реформи и критериуми.

Mazedonien Gorge Ivanov bei der PK mit NATO Anders Fogh Rasmussen in Brüssel
Ѓорге ИвановФотографија: MIA

Претседателот Иванов, изјави дека на средбата со Ван Ромпој дискутирале за неговите вчерашни средби со преставниците на Европската комисија и Европскиот парламент. Притоа, македонскиот претседател на Ван Ромпој му ги пренел очекувањата во Македонија дека се што досега е постигнато ќе биде нотирано во октомврискиот извештај на Европската комисија за напредокот на земјата во евроинтеграцијата.

„Од страна на Европскиот совет, како институција чија улога високо ја почитуваме, очекуваме динамизирање на процесот на евроинтегрирање на Македонија и искажав благодарност за се што досега е направено за нашата земја во тој правец. Со Ромпој разговаравме за многу прашања, како што се реформските процеси и обврските што ние како држава ги превземаме, какои желбата да се деблокира процесот на нашите евроинтеграции“, посочи Иванов.

Тој му укажал на својот соговорник дека од ЕУ се очекува да направи се што е во нејзина моќ за да помогне заедно да се рализираат ваквите цели, од што корист ќе има целиот регион и нашиот јужен сосед. Во таков случај, според Иванов, Грција ќе има сосед со европски стандарди, критериуми и принципи.

„Побарав од Ван Ромпој негов личен анагажман да се надминат овие блокади што долги години ги имаме и да добиеме она што заслужуваме, ни помалку ни повеќе од другите земји што биле со ист статус како и нашиот“, изјави Иванов.