Важноста на старите пријателства
21 јануари 2012Покрај кризата во земјите од еврозоната, Гидо Вестервеле на средбите во Вашинготн разговараше и за ситуацијата во Сирија, нуклеарниот спор со Иран, за Арапската пролет, како и за подготовките на НАТО-самитот, којшто ќе се одржи во мај годинава.
Посетата на Вестервеле доаѓа во изборна година во САД. Европа често се споменува во изборната кампања. Обама често ситуацијата во САД ја поврзува со случувањата во Европа.
„Ако Европа, како наш најголем трговски партнер, е слаба, тогаш тоа влијае и на нашите фирми и нашите работни места што се отвораат во САД“, изјави во една прилика Обама.
Американскиот претседател и неговиот министер за финансии вршеа притисок на Европа, пред се’ на Германија, да стави на располагање повеќе пари за спасување на Грција.
„Ние не веруваме дека должничката криза може да се совлада така што ќе печатиме повеќе пари или ако правиме нови задолжувања“, рече германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле.
Европа не функционира ниту во самата Европа
Во предизборната кампања во САД е многу популарно да се критикува Европа. Еден од фаворитите за кандидат од редовите на републиканците Мит Ромни вели:
„Не сакам да бидам како некоја европска социјална држава. Европа не функционира ниту во самата Европа, а посебно не во Америка“.
Многу републиканци сметаат дека во Европа државата се меша во многу работи. Според нивното мислење, пензиите во Европа се превисоки, има премногу осигурувања, премногу заштита на околината, премногу власт и поради тоа и многу долгови. Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле опуштено реагираше на таквите наводи во Вашингтон.
„Мислам дека заострувањето на тонот кон Европа има врска со изборната битка. Ние ја знаеме таквата ситуација и во нашите европски земји. Сепак, јас тоа го сфаќам сериозно“, рече Вестервеле.
Владата на Обама во последните неколку месеци донесе некои одлуки против Европа, на пример воени. Имено, Американците за да заштедат пари ќе повлечат од Европа околу 7.000 војници. Од друга страна, Обама сака да издвои повеќе пари за војници, набљудување и надгледување на азиско-пацифичкиот простор. Обама буквално рече: „Нема никакви сомнежи: 21-от век е во азиско-пацифичкиот регион и САД се таму“.
Инаку, американската агенција за одредување на кредитниот рејтинг „Стандард и Пурс“ се погрижи за тоа да дојде до жестоки реакции во Европа поради тоа што на земјите, како Франција и Австрија, им се одземени најдобрите оценки.
Германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле по тој повод изјави: „Не знам дали агенциите за рејтинг воопшто сфаќаат што правиме ние во Европа“.
Сепак, германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле отпатува во САД, покрај останатото и за да потсети на долгогодишното меѓусебно пријателство. „Многу е важно да се негува старото пријателство“, рече Вестервеле. Но, се поставува прашањето дали за тоа се доволни само два дена, колку што всушност траеше посетата на германскиот министер на САД.
Автор: Сабрина Фриц / Александар Методијев
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска