1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Буџетски покер во САД

ЖА/дв/дпа/ртре1 март 2013

Во американскиот Сенат без успех завршија и последните обиди за избегнување на радикалните буџетски кратења. Ниту Демократската партија на претседателот Барак Обама, ниту Републиканците не попуштија.

https://p.dw.com/p/17oSc
Фотографија: picture-alliance/dpa

Од вечерва на полноќ во САД по автоматизам ќе стапат во сила намалувања на државниот буџет, со што во следните седум месеци средствата за буџетските корисници ќе бидат намалени за околу 85 милијарди долари.

Иако принудното кратење на буџетот ќе има негативни последици врз напорите за заздравување на американската економија, засега нема најави дека Конгресот би можел да постигне компромис за избегнување на автоматското намалување на буџетските средства. Американскиот претседател Барак Обама последниве денови се обиде да издејствува компромис меѓу републиканските и демократските членови на Конгресот, но без успех.

Демократите во Конгресот предлагаат намалување на буџетскиот дефицит преку зголемување на даноците за богатите Американци, додека Републиканците инсистираат на остварување на таа цел преку кратење на државите трошоци и на реформи на јавните програми.

Радикалните кратења во буџетот ги погодуваат сите сфери, на пример воениот буџет ќе се намали за осум проценти. Според проценките на ММФ, кратењата можат да ги загрозат прогнозите за американската економија и дури и светското стопанство.

Буџетските кратења беа договорени во 2011 година, кога на САД им се закануваше платежна неспособност. Тие требаше да ги принудат пратениците од двете партии на постигнување решение во буџетскиот спор, но повеќемесечните преговори не донесоа никаков успех. Голем дел од кратењата може да биде запрен од Конгресот, ако Демократите и Републиканците се договорат за алтернативни патишта во санирањето на државните финансии.

По последното гласање, Обама ги обвини Републиканците за загрозување на стопанскиот развој и работните места во САД, со тоа што и натаму ќе профитираат најбогатите, а ќе страдаат децата, старите луѓе, па и војската, а товарот на борбата против државните долгови ќе го понесе најмногу средниот слој.

За денеска е планиран уште еден, последен обид, иако нема многу оптимизам дека тој ќе вроди со плод. Опасноста, одделни владини служби на крајот на март поради недоволно пари принудно да бидат затворени, е реална. Нешто слично последен пат се случи во 1996 година.