Буш “пишува“ историја
12 јануари 2008Американскиот претседател, Џорџ Буш, во посета на американските сили во заливот. Тој пристигна во Бахреин, каде ќе ја посети петтата американска флота, стационирана во оваа заливска држава, а претходно беше во посета на американската воена база во Кувајт. Таму се стационирани 15 илјади американски војници, кои се логистичка поддршка за американските трупи во Ирак.
Американските војници кои се во Ирак ќе добијат наредба за враќање дома дури кога тоа ќе го дозволува ситуацијата. А, кога ситуацијата ќе дозволи определуваат одговорните армиски шефови. Тоа, американскиот претседател, Џорџ Буш, го повтори по којзнае кој пат по средбата со Рајан Крокер и генерал Дејвид Петреуш во Кувајт. Првиот е амбасадор на Вашингтон во Багдад, вториот е шеф на мултинационалните воени сили во Ирак. Пред новинарите, американскиот претседател, исто така повтори дека актуелната стратегија за борба против бунтовниците со дополнителни 35 илјади американски војници, е успешна. Од Иран и Сирија, Буш пред новинарите побара да престанат да им даваат поддршка на милициите и терористите во Ирак. И, и тоа не е ништо ново.
Ново, наспроти тоа, е колку многу Буш, сега, една година пред да ја напушти Белата куќа, интензивно работи на тоа што ќе остави да се запише во книгите по историја: “Не се сомневам дека ќе имаме успех. Не се сомневам дека, кога историјата ќе се пишува, на последната страница ќе стои - САД остварија победа за доброто на светот.“
Војниците пред кои зборуваше Буш, реагираа со воздржан аплауз. Можеби и поради тоа што не е јасно, кога за американските војници ќе заврши војната во Ирак, и кога ќе стане историја.