1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Буш и Карамнлис разговараа за проблемот со името

21 мај 2005

Грција ја прифати рамката на идеите на специјалниот пратеник на генералниот секретар на ОН, Метју Нимиц, како основа за натамошни преговори, изјави во Вашингтон во врска со проблемот со името со Македонија, грчкиот премиер Костас Караманлис.

https://p.dw.com/p/AcFQ
Костас Караманлис со сопругата Наташа
Костас Караманлис со сопругата Наташа

Тој рече дека жали што мора да каже оти другата страна во спорот со името не одговорила позитивно. „Мора да истакнам дека заемно прифатливо решение би имало позитивно реперкусии врз нашите билатерални односи, како и на стабилноста во регионот и на евроатлантските настојувања на соседната земја„, рече Караманлис, додавајќи дека американската влада може да игра голема улога во поглед на ова прашање. На прашањето на новинарите, со кои Караманлис имаше куса средба по разговорите со американскиот претседател, дали САД ќе извршат притисок врз Македонија за таа да го промени името, грчкиот премиер одговори дека не може да каже што ќе стори владата на САД и дека тоа прашање го изнесол и смета оти било многу јасно во која фаза се наоѓа проблемот и што сега треба да се направи.

Како што се дознава, Караманлис на Буш за време на нивната средба му рекол дека по многу години се вложени напори за пронаоѓање решение за спорот забележувајќи притоа дека ставот на Скопје не е конструктивен затоа што, како што рекол, не помага во пронаоѓањето решение.Караманлис додал дека во предлогот на специјалниот пратеник во спорот со името, Метју Нимиц има и делови со кои Грција не се согласува. Што се однесува до ставот на САД, во текот на разговорите во Белата куќа, било изнесено мислењето дека треба да се зголемат напорите за пронаоѓање меѓусебно прифатливо решение околу името Македонија.

Специјалниот претставник на ОН во спорот, Нимиц, за денешен “Дневник“ вели дека никој не ја тера земјата да си го промени уставното име. Тој најавува дека би предложил во македонскиот устав да се користат две имиња. “Тука зборуваме за користење на името од страна на меѓународната заедница, кое може да варира малку од уставното име кое го почитуваме. Тоа се разбира не е прифатливо од страна на вашата влада и јас тоа го разбирам. Јас би предложил во уставот да се користат две имиња. На пример името на Грција не е Грција туку Хеленска Република. Но, во Обединетите Нации го користат името Грција или понекогаш Хеленска Репувлика. Така и во оваа ситуација ќе се користи едно име во еден контекст, а друга формулација во друг контекст. Мислам дека со ова не се одзема уставното име, туку се користи варијанта со која би се решил проблемот, изјави Нимиц во интервју за денешен „Дневник„.