Буш во Рим агитираше за нова резолуција за Ирак и доби поддршка од Берлускони
5 јуни 2004Во Рим Буш доби ветување од италијанскиот премиер Силвио Берлускони за трајна поддршка за политиката спрема Ирак. Италија останува на страната на САД и нема да ги повлече своите војници се‘ до изборот на нова ирачка влада во јануари наредната година, рече Берлускони на заедничката прес-конференција по нивната денешна средба во италијанскиот главен град.
Буш искажа убедување дека ќе биде остварен политички и дипломатски напредок по ирачкото прашање: “Чувствувам дух на единство по прашањето за соработка со новата ирачка влада. Затоа ние тесно соработуваме со другите земји за да добиеме нова резолуција на Советот за безбедност на ОН. Јас сум уверен дека наскоро ќе ја имаме”.
Буш на прес-конференцијата зборуваше дека Западот сега се наоѓа на пресвртница и извлече паралела со борбата против комунизмот по Втората светска војна – слободниот свет тогаш не попушти пред комунизмот; сега станува збор за тоа Западот да опстои на своите вредности и да ја шири демократијата, рече Буш. Тој се покажа неимпресиониран од големите демонстрации во Рим по повод неговата посета. “Демократијата е убава работа. Се радувам што сум во земја во која луѓето смеат да го искажат своето мислење” - прокоментира американскиот претседател.