1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бурма во криза

22 октомври 2007

Воената хунта во Бурма вчера, по задушувањето на протестите, го укина претходно воведенот полициски час. Освен тоа, повлечена е забраната за собири во Рангун.

https://p.dw.com/p/BtLV
По крвавото задушување на протестите, хунтата го укина полицискиот час во БурмаФотографија: picture-alliance/dpa

Во интерес на националното помирување, сите страни треба да покажат разбирање и да го окончаат застојот во политичкиот дијалог, пишува државно контролираниот весник „Њу лајф оф Мијанмар„. Политичките посматрачи сметаат дека весникот го одразува ставот на воената хунта. За време на викендот, беше укинат и полицискиот час во Рангун и Мандалај што беше воведен по крвавото задушување на протестите кон крајот на минатиот месец. Армијата во Бурма очигледно смета дека е скршен отпорот против неа, иако уште се трага по повеќеменина лидери на опозицијата. Во меѓувреме, бурманските организации во егзил ја повикаа меѓународната заедница да изврши поголем притисок врз армијата. Само со разговори специјалниот пратеник на Обединетите нации Ибрахим Гамбари ништо нема да постигне, вели Деби Стодарт од мрежата АСЕАН алтернатив:

„Мислам дека Гамбари веќе забележа оти со преговори не може ништо да постигне, ако нема поддршка од влијателните земји во регионот. Станува збор за воен режим кој разбира само притисок, а не дипломатија. Пред се земјите од АСЕАН мораат да направат повеќе, а не само да зборуваат. Мораат да ја искористат својата позиција и задно со Индија и Кина да извршат поголемо влијание врз воениот режим„.

Пратеникот на Обединетите нации Ибрахим Гамбари во моментов е на турнеја по Азија за токму тоа да го постигне. Меѓутоа, земјите на АСЕАН одбиваат да извршат поголем притисок врз режимот во Бурма. Соборувањето на режимот би ја одвело земјата во хаос, сметаат тие, а тоа би имало несогледливи последици за политичката стабилност на целиот регион.

Експертот за Бурма Јанг Разали Касим, од центарот за политички студии на универзитеттот во Сингапур смета дека промени во Бурма се можни само со армијата:

„Промена на режимот би бил екстремен чекор. Треба да се потсетиме што се случи во Ирак. Знам дека не е многу популарно да се зборува против промена на режимот во Бурма. Меѓутоа, земјите на АСЕАН не можат да си дозволат слична ситуација како во Ирак пред сопствениот праг„.

Армијата во Бурма во изминатите денови именува комисија од 54 члена што треба да подготви предлог за нов устав. Хунтата во тоа гледа прв чекор кон дисциплинирана демократија на чиј завршеток треба да се одржат избори. Меѓутоа, опозиционата Национална лига за демократија која на последните избори победи со големо мнозинство, е исклучена од подготовката на новиот устав.