1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Бура“ на германски начин

17 септември 2009

Деновиве, во германските кина започна да се прикажува филмот „Бура“, инспириран од случувањата за време на војните во поранешна Југославија. Но, и покрај контроверзната тема, овој германски филм не е политички обоен.

https://p.dw.com/p/JipP
Плакатот на филмот „Бура“Фотографија: Arne Höhne Presse

Германскиот филм „Бура“ беше еден од најзабележителните филмови на последниот Меѓународен филмски фестивал во Берлин. Иако „Бура“ на реномираното Берлинале не освои некоја од главните награди, повеќето филмски критичари сметаа дека станува збор за несекојдневен и непристрасен филм, кој за разлика од другите остварувања на иста тема, случувањата од 90-те години на просторот на Западен Балкан не ги зема како повод за политичка пресметка. Почетокот на филмската приказна на многумина на Балканот би можела да им изгледа познато, а особено на оние во Хрватска. Во едно шпанско летувалиште, полицијата апси средовечен маж и му го испорачува на Меѓународниот суд за воени злосторства сторени на просторите на поранешна Југославија во Хаг. Додуша, уапсениот не се вика Анте Готовина, како хрватскиот генерал кој е обвинет за воени злосторства, а кој беше уапсен на идентичен начин, туку Горан Дуриќ. Улогата на Дуриќ му е доверена на хрватскиот актер Дражен Кин. Тој го толкува ликот на босанскиот Србин, кого Хашкиот трибунал го товари за злосторства на несрпското население во Босна и Херцеговина.

Film Sturm Hans Christian Schmid
Режисерот Ханс Кристијан ШмитФотографија: Arne Höhne Presse

Нема филмски скокови во минатото

Освен овој детал и, се разбира, сугестивниот наслов на филмот, паралели со вистинските случувања за време на војната нема. Германскиот режисер од помладата генерација Ханс Кристијан Шмит намерно се откажал од филмски скокови во минатото-воени призори и разурнати куќи. Тој се занимава со она што се случува во Хаг, на местата на злосторствата како и во домовите на жртвите кои се осудени на живот со мрачни спомени.

Film Sturm von Hans Christian Schmid
Сцена од филмотФотографија: Gerald von Foris

„Трибуналот секогаш одново ќе се најде на патот на политичките интереси, а тоа тогаш се одразува врз работата на луѓето во Хаг, кои се обидуваат да се изборат за правда“, вели режисерот Смит.

Моќта на филмот е во емоционалната приказна за животот на сведокот

„Бура“ е филм кој во фокусот ги има животите на два женски лика, обвинителката на Хашкиот трибунал Хана Мајнард, чиј лик го толкува актерката од Нов Зеланд, Кери Фокс и Босанката Мира Арент, која ја глуми романската актерка Анамарија Маринца. Мира била жртва на бандата на Дуриќ. Таа водејќи нов живот во Берлин, далеку од местото на злосторството, се обидува да ги заборави БиХ и деведесетите.

Filmszene Sturm von Hans Christian Schmid
Двата главни лика во филмотФотографија: Arne Höhne Presse

Моќта на филмот е во емоционалната приказна за животот на сведокот кој по низа години, сепак, одлучува да говори за она што се случило, вели Шмит: „Трибуналот се обидува да овозможи сведочење на личноста која би раскажала што точно се случило пред 15 години. Тоа сведочење е вистински емоционално обоено.“

Па сепак, овој филм не е срцепарателна приказна проткаена со призори на бегалци и запалени села. „Бура“ е филм кој се занимава со она што се случило потоа, а пред се’ процесите во Хаг и сложениот однос меѓу вистината и правдата, при што честопати човечките судбини се турнати настрана.

И покрај жестоките критики на сметка на меѓународните правни текови, кои честопати и самите се жртва на дневно-политички одлуки, овој филм не навлегува во цинизам и безнадежност, туку јасно ја потенцира потребата од институциите како што е Хашкиот трибунал за воени злосторства извршени во поранешна Југославија.

Автор: Ненад Крајцер / Симе Недевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска