1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бунт на младите против големата коалиција во Германија

Волфганг Дик/ Жана Ацеска14 декември 2013

Кога ќе се формира новата германска влада од ЦДУ/ЦСУ и СПД, не може да очекува голема поддршка од партиските членови од помладата генерација. Нивниот протест навестува спорови и проблеми.

https://p.dw.com/p/1AYnz
Фотографија: picture-alliance/dpa

Шефовите на политичките партии, кои планираат во следните четири години да владеат во Германија, на крајот на ноември на јавноста гордо ѝ го презентираа својот по недели преговарање постигнат коалициски договор. На 187 страници е напишано кои се заедничките политички цели и како тие ќе се остварат.

Ангела Меркел, досегашната сојузна канцеларка и претседателка на Христијанско-демократската унија, Хорст Зехофер, лидер на Христијанско-социјалната унија и Зигмар Габриел, првиот човек на Социјалдемократската партија се свесни дека на одредени точки се направени големи компромиси, зашто по парламентарните избори во септември оваа година никој од политичките табори не доби доволно мнозинство за да може сам да владее.

Жестока критика и јасни предупредувања доаѓа претежно од младите партиски членови, младите социјалдемократи од СПД и Младата унија, сојуз на помладите членови на ЦДУ, како и група од над 50 пратеници од ЦДУ од сојузот и од покраините.

Коалицискиот договор ја загрозува отплатата на долговите

„Со сигурност ќе има кавги“, вели 33-годишниот Јенс Шпан во интервју за Дојче веле, имајќи ги во вид следните четири години владин мандат. Пратеникот од ЦДУ со 53 други свои сопартијци го потпиша документот насловен како „ЦДУ 2017“, кој во Коалицискиот договор гледа напуштање на конзервативните вредности.

„Сѐ што се планира да се потроши, треба претходно да се заработи“, предупредува Јенс Шпан со своите истомисленици. СПД постојано го заборава ова основно начело и со тоа го загрозува германското стопанство. "

Jens Spahn CDU
Јенс ШпанФотографија: imago stock&people

Отстапките кои ЦДУ/ЦСУ ги направија кон СПД, за минималната плата и пензиите, се прескапи, гласи главната критика. Шпан предвидува дека многу од ветувањата во коалицискиот договор се финансиски под знак прашање и можеби нема да можат да се остварат според планот. Главниот товар на „подароците за народот“ ќе треба претежно да го носи идната генерација. Тоа долгорочно не е во интересот на ЦДУ, предупредува Шпан.

Подобро нови избори отколку трули компромиси

Уште поостра кон Коалицискиот договор и врвот на СПД е организацијата на младите социјалдемократи. На сојузниот партиски конгрес на младите социјалдемократи, партискиот шеф и можен иден вицеканцелар Зигмар Габриел беше пречекан со плакати на кои беше прикажана голема црна риба, која ја претставува ЦДУ, како голта една мала црвена риба, СПД. Пораката беше недвосмислена: многу од барањата на СПД не се земени во предвид и се жртвувани во корист на ЦДУ/ЦСУ. Затоа, мнозинството од младите социјалдемократи го отфрли коалицискиот договор.

Во интервју за Дојче веле 26-годишната претседателка на младите социјалдемократи, Јохана Икерман вели: „Во изборната кампања на младите им ветивме поробрување на нивната ситуација, а сега со црно-црвената влада тоа нема да се случи“.

Bundeskongress der Jusos 2013
Конгрес на младите социјалдемократиФотографија: picture-alliance/dpa

Икерман и младите СПД-политичари не се помируваат со откажувањето од минимална плата за учениците кои се образуваат преку работа, бараат зголемување на стипендиите, опсежни мерки против невработеноста кај младите во Европа и зголемување на даноците за поимотните.

„Сакавме поголемо даночно оптоварување за најимотните за да се овозможи поддршка на младите луѓе и да се намали јазот меѓу сиромашните и богатите“, со жалење констатира Икерман, зашто тоа не е договорено во планираното владино партнерство. Младите социјалдемократи се толку разочарани, што за нив нови избори не се табу.

Предвремен крај на коалицијата?

Коалицискиот договор, за сите кои учествуваа во неговото постигнување, е ограничен на четирите години на идната влада. Колкава опасност носи фактички критиката од редовите на младите партиски членови? Во секој случај, нема да биде пријатно, гласи предвидувањето на Јохана Икерман од СПД и Јенс Шпан од ЦДУ.

Große Koalition CDU und SPD einigen sich 27. Nov. 2013 Koalitionsvertrag
Договор за голема коалицијаФотографија: Reuters

„Следните години не се отпишани, но ние веќе размислуваме за времето на следните избори, во кое сегашното партнерство дефинитивно не е добра констелација“, смета Јенс Шпан, укажувајќи на изборните успеси на ЦДУ во 2013 година кај младите гласачи. На нив 30 проценти од оние кои првпат гласаа и 34 проценти од луѓето на возраст меѓу 25 и 34 години гласаа за конзервативците. Шпан и останатите критичари од ЦДУ шпекулираат дека младите гласачи ќе се ориентираат според ставовите на помладите пратеници од ЦДУ.

„Не е точно дека ние младите социјалдемократи немаме никакво влијание“, укажува Јохана Икерман, со оглед на фактот што организацијата има 50 илјади членови. Тоа се сепак околу 20 проценти од вкупно 470 илјади членови на СПД. Отпорот на младите социјалдемократи веќе предизвика несогласија во врвот на СПД и го прошири притисокот.

„Постои веќе свест дека е закината политиката кон младите“, вели Икерман.

Шпан пак ја отфрла критиката во некои весници дека станува збор за бунт на кариеристи. Не постои бунт и критика на Ангела Меркел.

„Нашите размислувања се предупредување и барање за водење сѐопфатна дискусија“, вели тој. Според него, се работи за иднината, на која тој се разбира, гледа поинаку отколку постарите сопартијци. Но, тој не верува во предвремено растурање на коалицијата, иако планираната соработка меѓу ЦДУ/ЦСУ и СПД не е „Брак од љубов“. Токму поради тоа, острите судири се однапред програмирани.