Бунтовниците убија моќен генерал
18 октомври 2013Бунтовниците во четвртокот со снајпер убиле еден од поважните генерали на сириската воена разузнавачка служба, соопштија сириската државна агенција Сана и опозициските активисти.
Сириската државна агенција соопшти дека генералот Џамех Џамех бил застрелан во населбата А-Рашидија во градот Деир ал-Зор во источниот дел од земјата, во покраината којашто е во поголемиот дел под контрола на бунтовничките сили кои од март 2011. година безуспешно се обидуваат да го соборат од власта претседателот Башар ал-Асад.
Опозициската опсерваторија за човекови права со седиште во Лондон која се повикува на свои активисти на теренот, соопшти дека генералот Џамех бил дел од потесниот круг соработници на претседателот Асад и еден од најистакнатите воени функционери во Сирија.
„Генералот Џамех маченички е убиен додека ја извршуваше својата национална должност во одбрана на Сирија и нејзиниот народ и ги прогонуваше терористите во Деир ал-Зор“, пишува Сана.
Опсерваторијата, повикувајќи се на својата мрежа активисти на теренот, извести дека генералот бил убиен во текот на битка со бунтовничките единици меѓу кои биле и некои групи поврзани со Ал Каеда.