Бунтовниците го преселија седиштето во Триполи
26 август 2011Вицепретседателот на извршниот комитет на Националниот преоден совет, Али Тархуни, официјално објави дека политичките претставници на бунтовниците отсега работат во Триполи. Тој истовремено најави дека претседателот на Преодниот совет, Мустафа Абдел Џалил, ќе дојде во Триполи во моментот кога тоа ќе го допушти безбедносната ситуација. Вчера (25.08) во главниот град веќе пристигнаа осуммина членови на Советот, меѓу нив одговорните за здравство, комуникации, внатрешни работи, правда и одбрана. Денеска во Триполи се очекуваат уште шестмина членови на Советот. Тархуни апелираше до приврзаниците на Моамер ел-Гадафи да го положат оружјето и да не стравуваат од одмазда, оти ќе се применува законот.
Во Њујорк, во меѓувреме, Советот за безбедност на ОН одобри ослободување на 1,5 милијарди долари, кои по желба на Вашингтон ќе бидат распоредени по една третина на Преодниот совет, меѓународната хуманитарна помош за Либија и во еден фонд за помош, од кој треба да бидат финансирани гориво и други неопходни стоки. Овие средства претходно беа замрзнати во САД. Ослободувањето на парите следуваше откако на тоа се согласи и Јужна Африка. Официјална Преторија претходно стравуваше дека ослободувањето на средствата би можело да биде толкувано како автоматско признавања на Преодниот совет од страна на ОН. Јужна Африка и Африканската унија се’ уште го немаат признато Преодниот совет.
Италијанскиот министер за надворешни работи Франко Фратини најави дека Италија наредната недела ќе ослободи 350 милиони заробени пари. Претходно, претставник на бунтовниците најави дека Контакт групата за Либија до средината на наредната недела ќе се заложи за ослободување на 2,5 милијарди долари за Либија.
Во земјата, инаку, продолжуваат борбите и потрагата по Гадафи. Според неименувани британски извори, бунтовниците добиле поддршка од НАТО во потрагата по долгогодишниот властодржец, пренесоа медиумите. Ваквата информација беше демантирана од страна на британското министерство за одбрана и Пентагон. Гадафи, преку аудио-порака емитувана преку сириската сателитска телевизија Араи Оруба, ги повика своите приврзаници на вооружена борба се’ до победа над бунтовниците.
Автор: АТ/ЕМФ/афп
Редактор: Елизабета М.Фиданоска