1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бундеслига од нејзината најубава страна

29 март 2004
https://p.dw.com/p/Aenr
-40 голови или речиси 4,5 по натпревар, неизвесност, пресврти, врвен фудбал на некои средби, полни трибини - што може да се посака повеќе од она што го донесе 26-тото коло?

Сите погледи беа свртени кон вчерашната средба во која третопласираниот Штутгарт го пречека водечкиот Вердер. Тимот од Бремен докажа дека со право годинава е кандидат број 1 за шампионската титула - остана непоразен во натпревар што долго ќе се памти, зашто ни резултат од 4 спрема 4 не е секојдневен во фудбалот. 17 кола Вердер не знае за пораз - од есенскиот неуспех дома токму од Штутгарт. Зборовите "се' уште не се предадовме" на тренерот на официјалниот шампион Баерн по победата против Борусија Менхенгладбах од 5 спрема 2, повеќе како да имаат за цел Хицфелд да ја одржи тензијата кај своите играчи: на 8 кола пред крајот, не толку предноста од 9 бодови, колку игрите што ги прикажува Вердер, не оставаат место за реална надеж на Баварците за одбрана на титулата.

"Денеска победивме сите ние. Тоа беше фантастичен натпревар. На една страна тимот ми приреди многу задоволство, но на друга имаше и некои работи кои не ми се допаднаа. Игравме против неверојатно силниот Штутгарт. Сега погледот го вртиме кон наредниот дуел" - изјави Томас Шааф, тренер на Вердер.

Неговиот колега од Штутгарт Феликс Магат не беше задоволен од резултатот: "Голема работа е да се постигнат 4 голови. Но, ние сме несреќни со само еден освоен бод по ваков натпревар".

Магат е донекаде во право со оглед на фактот дека на трипати Штутгарт имаше водство, но не успеа да го одржи. Занимливо е дека три гола за Штутгарт постигна одбранбениот играч Марчело Бордон, додека Класниќ и Аилтон беа двојни стрелци за тимот од Бремен.

Бразилецот Аилтон со тоа го зголеми своето салдо на 24 голови во 26-те кола и убедливо води меѓу стрелците.

Од другите дуели да го спомнеме успехот на Баер кој во Леверкузен по почетното водство на Херта на крајот славеше со убедливите 4 спрема 1; по третата последовна победа се чини дека Баер ја надмина кризата и може са де надева на место што би го водело во квалификации за Лигата на шампионите. Херта, пак, и натаму е на претпоследно место и се' поблиску до втората лига. Искусниот тренер Ханс Маер се обидува со сите средства да внесе пресврт кон подобро. Сега најави дека ќе ги стави играчите во карантин до наредната средба. Ајнтрахт во Франкфурт доживеа бродолом - пораз од 3 спрема 0 од Минхен 1860. Тоа беше првиот од вкупно пет натпревари кои тренерот Вили Рајман ќе мора да ги следи од трибините, откако во претходното коло грубо се однесуваше кон еден од судиите. Бохум како да подзастанува - во комшиското дерби дома е поразен од Шалке со 2 спрема 1 и прашање е дали до крајот ќе го одржи високото петто место на табелата. Тоа беше прв пораз на Бохум пред своја публика по речиси цела година. Победата на Фрајбург над Келн со 3 спрема 0 е 100-та на тој клуб во Бундеслигата. Келн речиси сигурно по трет пат во последните шест години ќе се пресели во втората лига. Од занимливостите врзани за ова коло е и дека голманот Оливер Кан го одигра 300-от натпревар во Бундеслигата во дресот на Баерн. Дури петмина играчи во ова коло го постигнаа својот прв лигашки гол: Герлиц и Леман од Минхен 1860, Клезенер од Шалке, Мерле од Ханза Росток и Кватроки од Волфсбург.

За играчите кои се на списокот на сојузниот тренер Руди Фелер неделава нема одмор: веќе в среда во Келн им претстои пријателски натпревар против Белгија во рамките на подготовките за Европското првенство што започнува по дваипол месеца во Португалија. Фелер е соочен со големи проблеми - дел од неговите репрезентативци се на клупата за резерви во нивните тимови. Клучниот играч од средината на теренот Михаел Балак, кој на светското првенство пред две години беше главен во репреземтацијата и постигна три гола, сега е далеку од таа форма.

"Се разбира дека Михаел ќе го ангажираме така што ќе може да го покаже она што секогаш беше негова силна страна" - вели Фелер, укажувајќи дека Балак може да игра на сите позиции во средниот ред.