1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бундеслига: Вердер есенски првак; Баерн (М), Баер (Л) и Штутгарт рамо до рамо

18 декември 2003
https://p.dw.com/p/AeoM
Со синоќа одиграните преостанати 5 средби од 17-тото коло заврши есенскиот дел од првенството во фудбалската Бундеслига. Вердер е есенски лидер со 39 бодови, официјалниот првак Баерн Минхен во последното есенско коло се проби на второто место, а во директниот дуел синоќа Баер Леверкузен како гостин го победи Штутгарт со 3 спрема 2, па сега е на трето место. Штутгарт, долго време водечка екипа на табелата, ќе презими на 4-тата позиција. Трите екипи - Баерн (М), Баер (Л) и Штутгарт - имаат по 35 бодови. "Се разбира, повеќе би сакал да победевме, но не сум разочаран. Баер играше добро. Морам да им се заблагодарам на моите играчи за извонредната година", кусо резимира тренерот на Штутгарт Феликс Магат. "Тимот ме увери во своите вредности. Со 35 освоени бодови на полусезоната не може да сме играле лошо", оцени Клаус Аугенталер, тренер на Баер Леверкузен.

Борусија Дортмунд ја продолжи слабата серија - нерешениот резултат 1 спрема 1 дома против Кајзерслаутерн значи веќе осми натпревар без победа. Бохум извади реми 2 спрема 2 на гостувањето во Хановер со што заврши на шеста позиција, пред екс-шампионот од Дортмунд. Борусија Менхенгладбах, пак, со победата против Минхен 1860 од 2 спрема 1 - прва на негов терен со овој противник по 34 години - дефинитивно се одлепи од кругот на екипи во борбата за опстанок. Шалке остана доследен на променливата форма и исто таквите резултати - синоќа дома оствари само 1 спрема 1 против Волфсбург. Обете екипи и' припаѓаат на златната средина на табелата. Вториот дел на првенството ќе започне на 31-во јануари.