Бундеслигашите се подготвуваат за „англиска“ недела
24 ноември 2012Во првиот дуел од 13 -то коло на Германското фудбалско првенство, Фортуна Диселдорф синоќа на свој терен го победи Хамбургер со 2:0. Стрелци на головите беа Роби Крусе во втората минута од судиското надополнување во првиот дел и Штефан Рајсингер во 63.минута.
Дербито на 13-то коло во Бундеслигата ќе се одигра во Гелзенкирхен, каде второпласираниот Шалке ќе го пречека хитот на досегашниот дел од сезоната- Ајнтрахт Франкфурт. Двата тима имаат ист број на бодови, по 23. Шалке имаше успешен настап во Лигата на шампиони каде во средата го совлада грчкиот Олимпијакос, додека гостите од Франкфурт имаа можност да се концентрираат само на овој меч.
Голем е притисокот врз фудбалерите на Бајерн Минхен да се вратат на победничките патеки, по неколкуте слаби настапи. Баварците во сабота го пречекуваат Хановер, в среда ги очекува меч против Фрајбург, а следната сабота и големото дерби против Борусија Дортмунд. Овие три меча би можеле да го одредат и натамошниот тек на сезоната за Бајерн, имајќи предвид дека тимот добро почна и ланската сезона, но потоа целосно ја загуби формата кон крајот на есенскиот дел.
Актуелниот првак Борусија Дортмунд, која заостанува девет бода зад Бајерн, има релативно тешко гостување кај цврстиот Мајнц. Фудбалерите од Дортмунд ќе мораат да бркаат победа за да одржат какво-такво растојание со Бајерн.
Дербито на северот ќе се игра во Волфсбург каде гостува тимот на Вердер. Волфсбург игра одлично по отпуштањето на тренерот Феликс Магат, а со евентуална победа ќе се израмни по бројот на бодовите со Вердер, кој се наоѓа во горниот дел од табелата.
„Мало“ баварско дерби во Фирт
За првпат во историјата на Бундеслигата ќе се игра и „мало“ баварско дерби меѓу екипите на Гројтер Фирт и Нирнберг. Овие два тима досега се среќавале единствено во купот и во пониските германски лиги. За Фирт овој меч е да се биде или не, бидејќи тимот е без победа веќе девет кола и се наоѓа на претпоследното место на табелата со пет бода заостанување зад Нирнберг кој се наоѓа на местото кое обезбедува опстанок во лигата.
В недела се играат уште три меча во кои трите германски учесници во Лига Европа ќе гостуваат. Штутгарт игра нагости против Фрајбург, Борусија Менхенгладбах во Аугсбург, додека Бајер Леверкузен ќе брка бодови на теренот на Хофенхајм.