1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бундеслигата „врти“ милијарди

Н. Крајцер/дпа/БГ25 јануари 2013

Германската фудбалска лига повторно урива рекорди. За првпат во историјата Бундеслигата во сезоната 2011-2012 оствари профит кој надминува две милијарди евра. На тоа се радуваат и даночните управи.

https://p.dw.com/p/17RGe
Фотографија: picture alliance/dpa

Магичната бројка гласи: 2,081 милијарди евра. А, магичната бројка за германското министерство за финансии изнесува 800 милиони евра. Толкав профит оствари германската фудбалска Бундеслига во минатата сезона и таа сума е уплатена на име даноци кај германските власти. Сите се среќни и задоволни. Во таа група спаѓа и Министерството за труд. Бидејќи Бундеслигата не е фирма која вработува само ѕвезди во фудбалскиот дрес, туку и цела армија вработени. Во германскиот фудбалски циркус секојдневно лебот го заработуваат 16 илјади луѓе.

„Германските фудбалски клубови и целата лига можат да бидат повеќе од горди на она што го постигнаа последните години“, вели директорот на Германската фудбалска лига Кристијан Зајферт.

Die Fußball-Champions-League als lukrativer Geldtopf
Бајерн Минхен во сезоната 2011/2012 имаше профит од 350 милиони евраФотографија: dapd/DW-Fotomontage

Профитот на Бундеслигата од година во година се зголемува и последниот рекорд е врв на последователната осумгодишна низа од рекордни финансиски успеси.

Примерен ученик

Како и самата Германија, и Бундеслигата во фудбалскиот свет важи за примерен ученик. Додека останатите фудбалски лиги во Европа се борат со долгови, Бундеслигата бележи рекордни финансиски успеси. Особено кога станува збор за платите на играчите и тренерите, во рамките на Бундеслигата важат здрави бизнис релации во кои огромните плати и премии за некои играчи на штета на финансиската стабилност на клубот се вистинска реткост. Во Германија платите на професионалците сочинуваат 37,8 отсто од вкупниот промет, додека во остатокот од Европа тој процент е речиси двојно поголем.

При претставувањето на финансискиот биланс за минатата сезона, Зајферт не пропушти да „боцне“ некои клубови во соседството каде платите на одредени играчи го надминуваат клупскиот приход. Како пример беше издвоен францускиот ПСЖ, кој благодарение на дарежливите арапски газди доведе фудбалери од калибарот на Златан Ибрахимовиќ, но против секоја економска логика, бидејќи трошоците за плати во клубот надминуваат 100 проценти од приходите, смета Зајферт.

Фокус на подмладокот

Во Бундеслигата последниве години се изгради цврст став дека е помудро да се инвестира во млади играчи отколку да се купуваат прескапи странски ѕвезди. Иако просечната плата на професионалните фудбалери во првата лига е натаму е релативно висока - 1,6 милиони евра по сезона, сепак, во сезоната 2011/12 клубовите од првата и втората лига инвестирале повеќе од 100 милиони евра во развој на млади фудбалери.

Dortmund's Mario Goetze celebrates after scoring during the German first division Bundesliga soccer match between Werder Bremen and BvB Borussia Dortmund in Bremen, Germany, Saturday, Jan. 19, 2013. (Foto:Frank Augstein/AP/dapd)
Марио Геце е голема надеж на германскиот фудбалФотографија: dapd

Овие вложувања не се случајни, тие се резултат на договорот постигнат пред 10 години и благодарение на него досега беа изнедрени играчи како Томас Милер, Марио Геце, Марко Ројс и дузина други.

Милијардите на Бундеслигата почиваат на три темели: реклами (553 милиони евра), продажба на ТВ права (546 милиони евра) и продажба на влезници (440 милиони евра). И контото на одредени клубови „е најдобро во последните клубови“, вели Зајферт. Вкупно 14 од 18 клубови во првата лига минатата сезона ја завршиле со профит.

Сепак, со финансиски проблеми се мачат клубовите кои испаѓаат од елитната лига, или во понизок ранг на натпреварување. Клубовите кои ќе испаднат во третата лига многу тешко се снаоѓаат со падот на приходите од реклами и ТВ преноси, како што покажа и случајот на некогаш силната Алеманија Ахен. Затоа Германскиот фудбалски сојуз подготви програма со која на клубовите кои ќе испаднат во понизок ранг на натпреварување ќе им се помогне повторно финансиски да застанат на нозе.