1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бундеслигата во сенка на обидот за самоубиство на Рафати

21 ноември 2011

Наместо по дербито меѓу Бајерн и Борусија, 13-то коло во германската Бундеслига ќе се памети по обидот за самоубиство на судијата Бабак Рафати. Неговата состојба во меѓувреме е стабилна, но мотивите се’ уште се нејасни.

https://p.dw.com/p/13EBk
Бабак РафатиФотографија: picture-alliance/dpa

Две години по самоубиството на репрезентативниот голман Роберт Енке, Германија е во шок по сличниот обид на уште еден спортски работник, меѓународниот судија Бабак Рафати. Рафати се обидел да се самоубие во хотелската соба непосредно пред почетокот на саботниот бундеслигашки дуел меѓу Келн и Мајнц. Натпреварот беше откажан.

Животот на Рафати најверојатно бил спасен благодарени на помошниците судии, кои, откако сфатиле дека со него нешто не е во ред, влегле во хотелската соба и го пронашле со пресечени вени.

Мотивите за обидот на Рафати се’ уште не се познати. Неговиот татко, Џалал Рафати изјави дека нема никакви знаци дека во животот на судијата, кој по професија е банкар, се случувало нешто невообичаено.

Дербито за Борусија

Останатите мечеви од 13- то коло се одиграа во сенка на немилиот настан.

Борусија Дортмунд го направи подвигот на колото, откако нагости го совлада лидерот на табелата и најголемиот фаворит за титулата, Бајерн Минхен со 1:0. Погодокот за актуелниот првак го постигна Марио Геце.

„Одигравме извонредно добар меч. Се разбира дека имавме и малку среќа, но Бајерн имаше малку шанси затоа што ние толку им дозволивме“, изјави тренерот на Дортмунд Јирген Клоп.

„Не најдовме начин како да ги притиснеме и да изградиме шанси. Тоа го сторивме дури на крајот, кога имавме две чисти шанси“, изјави тренерот на Бајерн, Јуп Хејнкес.

Fußball, 1. Bundesliga, Saison 2011/2012, 13. Spieltag, FC Bayern München gegen Dortmund
Момент од дуелот меѓу Бајерн и БорусијаФотографија: dapd

Бајерн остана на чело на табелата со 28 бода, но сега има само два поени предност пред двете Борусии, Дортмунд на второто и Менхенгладбах на третото место.

Борусија (М) ја забележа најубедливата победа во колото, совладувајќи го Вердер пред своите навивачи со 5:0. Блескаше младата звезда Марко Ројс со хет-трик.

Шалке се искачи на четвртата позиција со победата од 4:0 над Нирнберг. Два гола постигна Холанѓанецот, Клас-Јан Хунтелар. На петтата позиција падна Вердер, а на шестата се искачи Штутгарт, кој во неделата, потешко од очекувањата го совлада фенерџијата Аугсбург со 2:1 пред своите навивачи. Мечот го реши Мартин Харник со два погодока.

Прва победа за Хамбургер на домашен терен

Бајер Леверкузен ги покажува првите знаци дека излегува од криза со сигурната победа од 2:0 на гостувањето кај Кајзерслаутерн во петокот. Гол постигна и некогашниот репрезентативен ас, Михаел Балак.

Fußball 1. Bundesliga 14. Spieltag Borussia Dortmund Borussia Mönchengladbach
Марко Ројс, Борусија (М)Фотографија: dapd

Хановер падна на осмото место, по добриот старт на сезоната. Учесникот во Лига Европа загуби на гостувањето кај Волфсбург со 4:1, а натпреварот го одбележа и црвениот картон за напаѓачот на Хановер, Ја Конан. Волфсбург со трите бода ја напушти опасната зона за испаѓање од лигата.

Интересен дуел се играше во Фрајбург, каде гостинската Херта на полувремето имаше предност од 2:0, но на крајот мораше да се задоволи со еден бод, откако домаќините израмнија со погодок во 95-та минута.

Куриозитет на колото е и првата домашна победа за екипата на Хамбургер сезонава. Тимот нема пораз од 17 октомври кога кормилото го презеде Торстен Финк, но не успеваше да победи пред домашната публика. Конечно, цената ја плати Хофенхајм во неделата кој беше поразен со 2:0. Со трите бода Хамбургер се искачи на 13-то место, и за првпат сезонава не е во зоната која води во понизок ранг.

Автор: Борис Георгиевски/афп

Редактор: Симе Недевски