1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Бум“ на новогодишните честитки

М. Грунвалд/ Ж. Ацеска24 декември 2013

Германските фирми годишно испраќаат од 50 до 80 милиони божикни - новогодишни честитки. Тие се и средство за истакнување, затоа плаќаат големи суми пари на агенции за реклама, за да добијат покреативна честитка.

https://p.dw.com/p/1Af3o
Фотографија: Fotolia/senoldo

Божиќните честитки можат да бидат смешни, склопливи, со бројки, влакнести како животни, или да ги прикажуваат секојдневните мотиви на поинаков начин.

Фирми како Дело од Минхен придаваат големо значење на печатени новогодишни честитки. Директорката Сабине Херолд смета дека токму во дигитална ера не е доволно да се испрати божиќен мејл. Секоја година, заради имиџ, мора да се прави нова честитка во дизајнот на фирмата, и тоа рачно потпишана.

„Со задоволство пишуваме новогодишни честитки, оти тие се уште еден израз на лично почитување кон клиентите и потврда дека партнерството во текот на годината се одвивало одлично. Јас на нив со задоволство допишувам и свои текстови, за да им дадам уште повеќе лична нота“, вели Сабине Херолд, директор на „Дело“, производител на индустриски лепила.

Мнозинството германски фирми своите новогодишни честитки ги порачува овде, во издавачката куќа Калос во Минхен. Дизајнерите уште од јуни смислуваат исклучиво божиќни и новогодишни мотиви. Помалите претпријатија за божиќни честитки издвојуваат околу 300 евра, а големите фирми дури и 20 до 30 илјади евра.

Symbolbild - Weihnachtskarte
Фотографија: Fotolia/Floydine

Карл - Тео Велшоф е водечки човек на „Калос“ и е запознат со водечките трендови:

„До пред 15, 20 години честитките беа најчесто во ваква форма, значи со сакрални мотиви или насликани зимски пејсажи. Денес повеќе се бараат картички со едноставни графички елементи, кои симболизираат божиќни елки, со сребрени и златни елементи и краток текст под нив. Или пак бројки, како 2014 овде, и мал текст или симболизирана елка. Едноставно, поголем ефект со малку елементи, и стилски убаво“.

Креативните идеи за празникот, за рекламните агенции се еден вид натпревар. Агенцијата МетаДизајн секоја година во шесте филијали низ цел свет организира интерен конкурс за најоригинални новогодишни честитки. Секој дизајнер сака со својата идеја да влезе меѓу првите десет, зашто тие ќе бидат печатени и испраќани како бланко-честитки на нивните клиенти. Мета Дизајн за таа цел годишно троши 40 илјади евра. Муштериите потоа на бланко честитките можат да напишат свој текст и да ги испратат на пријателите.

Бумот на новогодишните честитки финансира и сосем други деловни модели, како оваа калиграфска работилница во Берлин. 57 калиграфи, првенствено жени, на хартија пишуваат лични честитки и желби. Најдоцна по 40 минути мора да направат пауза, за да не ги искривоколчат ракописните букви. Најмногу порачки има во пресрет на Божик.

„Ракописот го нагласува личниот момент, покажува дека испраќачот го цени примачот на честитката. Тоа значи дека некој одделил време, вложил труд за некого“, истакнува Торстен Пецолд, основач на Калиграфската работилница Берлин

Личната божикна честитка е нешто посебно токму во нашево дигитално време на масовни електронски мејлови и СМС пораки.