Бум на кафе-туризмот во Колумбија
30 декември 2012
На една од околу 24.000 плантажи на т.н. „триаголник на кафето“, Алберто Хернандес го контролира родот.
Благодарејќи на тропската клима тука расте една од најдобрите сорти на арабика кафе во светот.
Одгледувањето на кафето е најважниот извор на приход за луѓето кои живеат во ридестите предели на Колумбија вели Алберто Хернандес, управител на плантажа на кафе: „Ние можеме на нашата плантажа да им овозможиме работа на многу луѓе. Кај нас доаѓаат луѓе не само од соседството туку и од многу села од кафе регионот. Во екот на сезоната ние вработуваме околу 550 берачи на кафе.“
Но цената на светскиот пазар паѓа, а економската зависност од одгледувањето на кафе е голема.
Кафе културата во подем
Многу производители бараат алтернативни решенија и го открија туризмот.
Долго време Колумбија важеше за премногу опасна за странските посетители. Во меѓувреме, кафе- туризмот е во тренд.
Појадок со поглед на плантажите за кафе, повеќе од 1000 вили во регионот веќе нудат сместување.
„ Темата кафе и кафе културата се во подем во светот, потрошувачката се зголемува и познавањето за кафето исто така. И тоа се разбира е перфектна шанса за нашиот регион да го зајакне туризмот. Конечно ние тука повеќе од 100 години сме прочуени по одгледувањето кафе.“, истакнува туристичкиот работник Мануел Алехандро Наварез.
Под заштита од УНЕСКО
Исто така и Бариста курсеви се дел од програмата за кафе туристите. Кој сака да научи како се подготвува перфектно еспресо тука е на вистинското место.
Кафе регионот од минатата година е дел од Светското културно наследство на УНЕСКО, што дополнително го зголеми бројот на посетители во традиционалните села.
Во меѓувреме, особено Европејците и Американците доаѓаат на поклонение пред корените на колумбиската кафе традиција.
Тие можат да доживеат како од капучино на некои места настанува едно вистинско уметничко дело.