1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бум на дигиталната реклама

Рајна Бројер/ Александра Трајковска 3 март 2013

Онлајн рекламниот пазар се развива со огромна брзина и се ориентира кон мобилните телефони како рекламна платформа. Динамиката годинава би можела да се успори, прогнозира Сојузот за дигитално стопанство.

https://p.dw.com/p/17njD
Фотографија: Getty Images

За некои тоа се нападни содржини, за други најдобриот метод за пласман во дигиталното доба: реклама на интернет. Рекламниот пазар на интернет доживува бум, постојано се создаваат нови рекламни форми.

„Со развојот на онлајн рекламниот пазар во 2012 година сме многу задоволни. Целиот дигитален пазар, доколку се погледнат рекламните инвестиции, бележи значителен пораст од 13 проценти. Со тоа сме медиумски простор кој забележа најсилен пораст“, вели Паул Мудер, раководител за интерактивна реклама кај понудувачот „ИП Германија“.

Според податоци на германскиот Сојуз за дигитално стопанство, претпријaтијата во Германија изминатата година инвестирале вкупно 6,5 милијарди евра за реклами на интернет. Голема популарност имаат рекламните формати, кои можат да покажуваат слика во движење. Во 2012 година се влејаа 240 милиони евра во вакви рекламни видеа.

Како и досега, телевизијата и натаму е медиумска платформа каде има најголеми рекламни инвестиции, но интернетот бележи раст и ја надградува својата позиција како втора по јачина медиумска платформа. Повеќе од една петтина од бруто инвестициите во 2012 година отпаѓаат на интернетот. За споредба: на телевизијата отпаднаа 38 проценти. Останатиот дел го делат радиото и печатените медиуми. Но, првопласираните бранши не водеа вистинска битка за местата, бидејќи „границите меѓу браншите сукцесивно се бришат со дигитализацијата на ТВ-екраните. Двете области толку тесно сраснуваат, што за некој период нема да може да се држат одвоени“, вели Паул Мудер.

Најголема надеж за рекламната бранша се смартфоните. Зголеменото користење на смартфони го привлече вниманието на ракламната индустрија.

Das neue iPhone 5
Фотографија: picture-alliance/dpa

Германскиот Сојуз за дигитално стопанство годинава смета на пораст на рекламниот пазар за мобилни телефони до 75 проценти во однос на претходната година. Развојот на онлајн  рекламниот пазар особено го посматраат издавачите на весници. Многу весници, кои интернетот го користат како медиум за своите содржини, се упатени на добивките од рекламите. Друг извор на приходи е плаќањето на прилози, кое го практикуваат само малкумина весници - од страв дека ќе ги изгубат клиентите за реклами.

„Во основа кај весниците има страв, дека читателите ќе преминат на друга бесплатна понуда. Во поинаков случај веќе ќе се воспоставеа насекаде т.н. ’Paywall’. Со тоа бројот на посетители драматично ќе опадне, а со тоа и парите од рекламите“, вели Матијас Брекер од весникот „ТАЦ“.

Оваа страница воведе таков „ѕид за плаќање“, кој на читателите им дава можност да одлучат, дали сакаат да платат за содржините или не. Како и да е понудата останува бесплатна.

Ерик Шташефски, уредник во Сојузот на германски новински издавачи, гледа шанса добивките од реклaмите да се зголемат со плаќањето на содржините.

„Не сметаме дека т.н. ’Paywall’ дури ќе има позитивен ефект врз онлајн рекламната индустрија. Имено кога ќе биде воведен таков ’ѕид’, ги имате регистрираните корисници, кои се имаат претплатено и за овие корисници дознавате повеќе отколку што знаевте досега“, вели Шташефски.

Севкупно онлајн рекламниот пазар оптимистички гледа на иднината. Тоа е бранша која постојано се менува. А за оној, за кого рекламата на итенернет на крајот навистина е толку непожелна, може да инсталира одбранбен систем, кој преку филтри ги исклучува рекламите.