1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бум на госпел музика во Германија

29 јуни 2009

Во Германија се‘ повеќе луѓе пеат во госпел хорови. Институтот за социолошки науки на Евангелистичката црква во Германија спроведе студија за да ги испита причините за овој бум.

https://p.dw.com/p/Ibmh
Фотографија: Freie Evangelische Gemeinde Schalksmühle

Во Германија, според проценките, постојат околу три илјади госпел хорови со околу сто илјади активни членови. Додека обичните, световните хорови, се мачат со немање подмладок, хоровите кои ја негуваат традицијата на црнечките духовни песни не можат да се спасат од големата заинтересираност и прилив. Што ги фасцинира луѓето во ваквиот вид пеење? Духот на заедништво сигурно не е од решавачки карактер, зашто тој владее и во другите хорови. Причина, која се‘ почесто се наведува, е музиката, ритмот, вели Петра Ангела Аренс, член на Управниот одбор на Здружението на евангелистичките црквени општини:„Постои голема согласност дека тоа е поврзано со самата музика и со емоциите. Преку нив доаѓа дејството на госпел музиката.“

Госпел не сакаат само религиозните

Наклонетоста кон одреден музички правец укажува на посебниот животен стил на единката, како и на вредностите што се застапени во нејзиното природно опкружување - се вели во студијата. Според неа, луѓето кои се занимаваат со госпел музика се повеќе ориентирани кон поп, рок и другите модерни музички правци. Класичната музика, традиционалната народна музика или шлагерите дури наидуваат на одбивност кај луѓето кои пеат во госпел хорови. Она што особено зачудува: студијата обелоденува дека со госпел музика не се занимаваат само луѓе кои се религиозни, туку токму со подолгото пеење во таков хор се менува и нивниот односот кон црквата и религијата. „Околу 44 проценти одговорија дека чувството на поврзаност со црквата во меѓувреме се продлабочило. Речиси една третина одговорија дека дури нивната религиозност се интензивирала. А натамошни 30 проценти велат дека сега почесто одат на богослужба - и надвор од настапите на нивниот хор.“

Доминација на англиски текстови

Deutschland Karlsruhe Gospel-Chor Fetz-Domino
Во хоровите има многу младиФотографија: DW/Irene Merkel

Критичарите на госпел музика сметаат дека во неа доминираат англиски текстови, чија содржина не се проверува доволно. Тоа не е точно, произлегува од студијата: „Еден од можните одговори во анкетата беше дека госпел музиката има впечатливи, убедливи текстови на песните. Ваквиот одговор го заокружија дури четворица од пет учесници во анкетата. Мојот став е дека англискиот јазик ни овозможува да не бидеме толку врзани за традиционалните, црковни текстови“, објаснува Петра Ангела Аренс.

Ако и‘ се верува на студијата, најголемиот дел пејачи на госпел се помлади од просечната старост на населението, а освен тоа станува збор и за добро образовани луѓе: „Госпел пејачите во просек имаат 42 години и најголемиот дел од нив има завршено барем матура.“

Жените побројни од мажите

Deutscher Katholikentag 2008 in Osnabrück
Фотографија: AP

Исто така е јасно дека во госпел хоровите претежно се застапени жените, со околу 70 проценти. Во ова нема сомнение, додава и Мартин Бартелворт, кој веќе водел госпел хорови: „Жените почесто пеат и почесто соработуваат во хорови. Мажите, пак, доаѓаат на концертите кога пеат жените“, вели Мартин Бартелворт, кој и покрај тоа сака да го зголеми бројот мажи во госпел хоровите. Тој инаку е надлежен за 5-от Меѓународен собир на госпел хоровите, што ќе биде одржан во септември 2010 година во Карлсруе.

„Тоа е најголемата манифестација на госпел музика во Германија. Очекуваме голем број посетители, кои ќе ги одушевиме со оваа музика. Ќе има отворени бини, работилници, прекрасни концерти, би рекле целиот Карлсруе ќе биде во знакот на госпел музиката“, вели Мартин Бартелворт. Тој открива дека три четвртини од госпел хоровите и’ припаѓаат на некоја црковна заедница, две третини од нив на Евангелистичката црква. Заедничкото пеење госпел песни дава сила и нуди задоволство. Можеби токму тоа е причината за вистинскиот бум на овие хорови во Германија.


Автор: Ирене Меркел/ Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска