1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарскиот пасош е можност, но не и гаранција за работа во ЕУ

Костадин Делимитов30 декември 2013

Македонците со бугарски пасош од јануари можат да бараат работа во сите земји на ЕУ. Пазарот се отвора, но експертите не очекуваат бран иселувања од Македонија.

https://p.dw.com/p/1AiOF
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Не знам, ама веќе сериозно размислувам да се обидам да заминам во Лондон, каде еден мој пријател веќе подолг период работи во ресторан. Одамна ме вика таму и ми ветува дека ќе ми помогне да се вработам, но сега станува уште полесно, така што најверојатно ќе одам. Овде веќе не се издржува. Месечната плата од 20 илјади денари не стигнува. Ќе одам, па ако биде се‘ како што треба, ќе ја повлечам и жена ми и детето“, вели за Дојче веле скопјанецот Дејан, вработен во приватна фирма, кој веќе три години поседува бугарски пасош, но како што вели, досега не го искористил за ништо.

Дејан е еден од многуте македонски државјани со бугарски пасош кои од први јануари 2014. година имаат поголеми можности да се вработат во некоја од земјите членки на Европската унија. Со стартот на новата година престанува да важи привремениот договор на Брисел со Софија, потпишан во 2007. година, со кој бугарските граѓани беа ограничувани при вработувањето. Ова практично значи дека секој Македонец, кој поседува и бугарско државјанство, ќе може да конкурира за работа во Германија, Англија, Франција и останатите земји од Унијата, кои досега го ограничуваа слободното движење на работна сила. Колкав е бројот на Македонците што имаат слични планови како Дејан не може да се каже, но факт е дека станува збор за тема околу која доста се зборува во јавноста, се водат дискусии по форумите, социјалните мрежи, каде се бараат совети како полесно и побрзо да се дојде до бугарски пасош.

Бугарите и Романците не стигнуваат лесно до работа во ЕУ

Експертите се загрижени поради фактот дека иселувањето е топ тема и тоа не само кај младите, но не очекуваат дека либерализацијата на пазарот на ЕУ ќе предизвика масовен бран иселувања:

„Мислам дека состојбата во ЕУ не е толку подобрена за да може да се примат толку многу луѓе квалификувани, а особено неквалификувани од другите земји. Тие и понатаму ќе прават селекција на кадарот што ќе го вработуваат и имам некои сознанија дека сепак за Бугарите и Романците во ЕУ е тешко вработувањето, така што сметам дека не се многу реални очекувањата дека доколку се има бугарски пасош ќе се дојде многу лесно до работа. Во секој случај за дел ќе има, но голем одлив е илузорно да се очекува“, коментира за Дојче веле универзитетскиот професор Марија Зарезанкова-Потевска.

Позначаен импакт врз евентуалната миграција по овој основ не очекува ниту универзитетскиот професор Иван Дамјановски. Според него добар дел од Македонците кои зеле бугарски пасош со цел да емигрираат тоа веќе го сториле во земјите каде досега немаше ограничувања на пазарот на труд.

„Не треба да се занемари привлечната моќ на британскиот пазар, но сепак не сметам дека отворањето на овој пазар би донело до сериозни миграторни последици. Исто така, не треба да се занемари ни претпоставката дека голем број од Македонците кои зеле бугарски пасош тоа го направиле поради можноста за полесно патување во Европа, посебно во периодот кога Македонија беше на Шенгенската листа на земји на чии што граѓани им беше потребна виза за патување во ЕУ, но не и со цел да емигрираат во ЕУ“, коментира Дамјановски.

Mazedonien Denkmal Alexander der Große in Skopje
Фотографија: picture-alliance/dpa

Одлив на мозоци

Еден од клучните предизвици во вакви услови, според експертите, е како да се задржи работната сила, посебно високообразованиот, квалификуван кадар. Проблемот на одливање на мозоци според Дамјановски не е директно поврзан со македонските државјани кои имаат и бугарско државјанство, туку станува збор за генерички проблем. Тоа според него се одразува преку намалувањето на човечкиот капитал, намалената продуктивност, како и фискални трошоци во субвенционираното образование, односно државата инвестира во образование кое се ефектуира во друга држава:

„Краткорочни мерки за спречување на одливот на мозоци не постојат. Решението се состои во долгорочна диверзификација на економијата ефектуирана преку политики на истражување и развој и подобрување на економскиот стандард. Според мене, еден од најголемите проблеми е исклучително нискиот степен на јавни и приватни инвестиции во истражување и развој. Оттука, поголеми вложувања во овој сектор, како и подобрувањето на интеракцијата помеќу високообразовниот сектор со бизнис заедницата се клучни прашања кои треба да бидат поуспешно апсолвирани“, смета Ивановски.

За ублажување на проблемот професорката Зарезанкова сугерира зголемување на мерките за вработување, поттикнување на претприемништво и како клучно, инвестиции во локалниот економски развој каде многу малку се работи:

„ Ако локалната самоуправа води повеќе грижа за економскиот развој, таа ќе води сметка и за своите луѓе да не ги испушта така лесно. Независно од тоа што тие имаат пасоши на други земји, ако се води една соодветна политика луѓето да останат во своите места, тогаш тие тоа ќе го направат. Италија, на пример, целата базира на локален економски развој. Мора да се искористат компаративните предности на одредени подрачја. Но тука мора и националната и локалната власт да прави нешто. И националните асоцијации на стопанственици и локалните стопанственици. А кај нас ништо не се прави. Се` се чека Владата да реши. Потребни се сет на политичко економски мерки на подолг рок за да се дојде до решение. Инаку иселувањето е нормално дури и во развиените земји, но кај нас е алармантно бидејќи сме земја со мали човечки ресурси и затоа мораме да водиме посебна демографска политика“, смета Зарезанкова-Потевска.

Колкав е бројот на македонски државјани со бугарски пасош официјално нема податок. Во јавноста се шпекулира со бројки од 50 илјади, па дури и над сто илјади. Според упатените, најголем дел од државјанствата се извадени пред влезот на Бугарија во ЕУ, но не е мал бројот на оние што и по овој период добиле или аплицирале за овој документ. За разлика од претходно, кога до бугарски пасош се доѓаше по релативно лесен бирократски пат, сегашните искуства велат дека критериумите се усложнети.