1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарија ќе се штити од бегалци со ограда

Александар Андреев / Елизабета М. Фиданоска8 ноември 2013

Се‘ поголем број бегалци од Сирија се обидуваат да најдат засолниште во Бугарија. Многумина Бугари бегалците ги сметаат за закана. Сега владата сака да го решава проблемот со заштитна ограда на границата со Турција.

https://p.dw.com/p/1ADfy
Фотографија: picture-alliance/dpa/Vassil Donev

„Бегалец“ во Бугарија стана збор кој предизвикува вознемиреност. Во последните месеци во Бугарија засолниште побарале околу 10.000 луѓе, главно бегалци од Сирија, но и од земјите на Магреб, од Централна Африка и Блискиот Исток. Многумина Бугари на ваквиот развој на состојбите гледаат со загриженост, неретко се буди страв од преплавување на земјата со бегалци. Тоа е реакција на општество кое досега речиси и немаше проблем со бегалци. Истовремено, бугарските власти се преоптоварени од проблемот со ваквиот прилив на бегалци. Надлежната Агенција за бегалци досега во прифатни центри има сместено само околу 4000 бегалци. Се вели дека државата нема пари за храна и за медицинска нега на овие лица.

Непријателско расположение

Истовремено, притисокот на јавноста станува се‘ поголем. Во медиумите честопати се укажува дека проблемот со бегалците е дополнителен товар за најсиромашната земја на ЕУ, која и онака е политички нестабилна по повеќемесечните антивладини протести. Своја шанса поради актуелната ситуација гледаат националистите и силите кои се непријателски настроени кон странци. Во неделата (3.11) стотици приврзаници на националистички партии ширеа расположение против бегалците од Сирија и од другите земји во криза. Шефот на антиевропската партија Атака, Волен Сидеров, најави парламентарна иницијатива за ова прашање и за само неколку дена рејтингот на Атака се зголеми за два процента. На почетокот на неделата две маскирани лица нападнаа 17-годишен барател на азил во Софија и го повредија со нож.

Syrische Flüchtlinge in Bulgarien
Фотографија: picture-alliance/dpa/Vassil Donev

Бугарската влада смета дека е принудена да стори нешто. За да се намали бројот на бегалци кои илегално влегуваат во земјата, сега на границата кон Турицја треба да биде поставена 37 километри долга ограда. Оградата треба да биде готова до крајот на ноември, а висока е три метри. Најголемиот број бегалци се од Сирија и тие до Бугарија стигнуваат преку границата со Турција. Истовремено, бегалците кои недозволено се наоѓаат во Бугарија ќе бидат протерувани по забрзана постапка.

Тврдината Европа

Истражувачот на јавното мислење Кољо Колев растечките тензии ги објаснува пред се‘ со стравот од криминал. Неодамна еден барател на азил при грабеж во супермаркет со нож и‘ нанесе повреди на продавачката, а во медиумите се информира и за бегалци кои крадат храна во продавниците. Се работи за одделни случаи, но властите не се во состојба да го смират населението со убедителни мерки, оценува социологот Цветозар Томов.

Bulgarien Flüchtlingslager syrische Flüchtlinge
Сместувалиште за бегалци во БугаријаФотографија: DW/G. Kozuharov

Комесарот за човекови права Нилс Мужниекс ги критикува мерките на Бугарија. Земјата ја има потпишано конвенцијата за бегалци и не смее да ја затвора границата, нагласува Мужниекс. Портпарол на бугарското Министерство за надворешни работи на ова одговори со оценка дека секоја земја има легитимно право да ги заштитува своите граници. Дури и турската страна за тоа покажа разбирање, рече тој.

Протерување или помош?

Заменикот министер за внатрешни работи Васил Маринов ја релативизираше својата цел - целта не е да се одбијат бегалците, туку да се изврши насочување кон официјалниот граничен премин Свиленград. Енчо Господинов, портпарол на еврокомесарката за хумантирана помош и заштита од катастрофи Кристалина Георгиева, во изјава за Дојче веле се обидува да ја протоклува постапката: „Доколку оградата кај Елхово е навистина обид за воените бегалци побрзо да стигнат до соработниците на хуманитарните организации, тогаш оваа мерка е оправдана, тоа е ставот на комесарката. Но доколку бегалците поради тоа би паѓале во рацете на трговци со луѓе, тогаш е тоа бесмислено. Очајните луѓе би можеле да почнат да бараат и други патишта за влез во Бугарија, на пример преку Црното Море, и во таков случај во Бугарија би имале Лампедуза-ситуација.“

Bulgarien Syrische Flüchtlinge
Сириски бегалци во БугаријаФотографија: DIMITAR DILKOFF/AFP/Getty Images

Комесарката пак лично информираше за досегашната помош што ја добила Бугарија. Досега финансиска помош испратиле Словачка, Словенија, Унгарија и Австрија, а во тек е и испраќање финансиска помош од ЕУ и од Фронтекс. Во Бугарија веќе работат стотици стручњаци на ЕУ кои се грижат за обработка на барањата за азил. Истовремено, бугарскиот Црвен крст стартуваше акција за помош преку СМС-пораки, а здравствените власти се грижат за вакцинација на децата под 15 години. И владата во Софија работи на кризен план, што со оглед на состојбата, е и неопходен - во земјата секојдневно и натаму доаѓаат по околу сто нови бегалци.