Бугарија: План против приливот на бегалци
5 ноември 2013Бугарија, која е најсиромашна земја на ЕУ, од почетокот на годинава примила 8.763 илегални имигранти, а според проценките таа земја може да прими максимум 5000 бегалци, изјави бугарскиот министер за внатрешни работи Цветлин Јовчев.
Околу 60% од тие странци се Сиријци кои бегаат од граѓанската војна во својата земја. Другите доаѓаат од северна Африка и Авганистан, се наведува во бугарските статистички податоци. Според Јовчев, имигрантите кои „немаат основа да бараат хуманитарен или бегалски статус“ ќе бидат протерани од земјата во рок од три дена.
„Оние чиј случај налага подетална истрага ќе бидат сместени во центри кои нема да можат своеволно да ги напуштаат“, додаде Јовчев. „Луѓето кои имаат хуманитарни проблеми, особено мајките со деца, ќе бидат сместени во засолништа, а нивните барања ќе бидат разгледани по забрзана процедура“, додаде министерот, изразувајќи уверување дека бројот на имигрантите драстично ќе се намали од следната година благодарение на засилените мерки за безбедност по должината на границата со Турција, главна точка на влез на имигранти во Бугарија.