1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарите повторно на протести

ЖА/миа/дпа3 март 2013

Десетици илјади луѓе протестираа денеска во Бугарија поради сиромаштијата и корупцијата и бараа измена нa изборниот закон пред претстојните предвремени парламентарни избори .

https://p.dw.com/p/17pY6
Фотографија: DW/G. Papakochev

Илјадници луѓе излегоа на протести по улиците на Софија, Бургас, Пловдив, Благоевград, Русе и Сливен на денешниот национален празник. Нема извештаи за евентуално насилство во текот на денешните протести. Најголемиот митинг собра речиси 50.000 луѓе во црноморскиот град Варна. Над 7.000 граѓани учествуваа во протестот во Софија, издигнувајќи транспаренти „Мафијашите - во затвор!“.

Демонстрациите во Софија и во другите поголеми градови почнаа пред речиси 20 дена, и во неколку наврати прераснаа во безредија, во кои се повредени повеќе десетици лица. Протестите поради високите цени на струјата и сиромаштијата и корупцијата го принудија бугарскиот премиер Бојко Борисов да поднесе оставка, а вонредните избори се закажани за 12 мај.

Анкетите покажуваат дека ниту десничарската партија ГЕРБ на премиерот во оставка Бојко Борисов, ниту опозициската Социјалистичка партија имаат доволна поддршка за да обезбедат парламентарно мнозинство, така што која и да е формација која ќе победи на изборите, ќе треба да влезе во коалиција, за да состави влада.