1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бројот на невработени во светот постојано се зголемува

ЕМФ/дпа9 април 2012

Бројот на невработени во светот според проценки на Меѓународната организација за труд (ИЛО) годинава ќе се зголеми на 204 милиони. Наредната година ќе има уште повеќе невработени.

https://p.dw.com/p/14ZoA
Фотографија: Fotolia

Во 2013 година бројот на луѓе без работа, како што пишува весникот „Ди Велт“ во своето вторнично издание (10.04), ќе изнесува 209 милиони. „Веројатно е дека економската стуација во светот годинава ќе се влоши“, оценува заменикот генерален директор на ИЛО, Гај Рајдер. Тој за весникот изјавува дека она што е особено алармантно е невработеноста на младите. Таа глобално изнесува 12,7 проценти. „Тоа е бомба со огромен разорен потенцијал која може да доведе до социјални немири. Во опасност сме да загубиме цела една генерација“, изјави Рајдер за „Ди Велт“.

Светот, според податоците на ИЛО, се‘ уште не се има опоравено од глобалната финансиска криза. Бројот на невработени сега е повисок за цели 27 милиони отколку пред почетокот на глобалната криза. Ако се додаде и бројот на оние кои се појавуваат во статистиките, тогаш бројот на невработени денес, во споредба со 2008 година, е повисок за цели 56 милиони.