Британците не се сомневаат во статусот на Фокландските острови
10 март 2013„Дали Фокландските острови треба да го задржат својот моментален политички статус како британска прекуморска територија?“ Вака гласи прашањето на референдумот што денеска и утре (10/11.03) се одржува на Фокландските острови и на кој право на глас имаат околу три илјади граѓани кои зборуваат англиски.
Резултатот се чини е јасен веќе сега - се очекува јасно „да“ за статус кво, што значи за британска прекуморска територија со автономна влада.
Воопшто нема интерес за темелни промени, оценува Клаус Додс, професор по геополитика на универзитетот „Ројал Холовеј“ во Лондон. Експертот објаснува дека референдумот е порака до меѓународната заедница. „Овде сме, ние сме мала заедница и не сакаме да бидеме шиканирани од страна на поголемиот сосед.“
Статус кво
Големиот сосед, се разбира, е Аргентина. Со години реториката од Буенос Аирес станува се‘ поагресивна. Прво во јануари 2013 година претседателката Кристина Фернандез де Кирхнер во отворено писмо до британскиот премиер Дејвид Камерон напиша дека „Велика Британија преку јасен акт на колонијализмот од 19. век насила ги отцепи островите од Аргентина кои се оддалечени од Лондон 14.000 километри“.
Односите меѓу Велика Британија и Аргентина се на најниска точка, признава Клаус Додс. Но, втора Фокландска војна нема да има, оценува британскиот професор и тоа прво, затоа што Аргентина не е воено во состојба да ја води и второ, Аргентинците сметаат дека не е политички паметно да ги оживеат стратегиите на инвазија.
„Сепак, Аргентина прави се‘, со исклучок на воена опција, за да ги стави Британците под притисок да преговараат околу суверенитетот на островите.“
Железен став
Велика Британија, како што се чини, останува непопустлива. Додс оценува дека британскиот премиер Дејвид Камерон останува цврсто на својот став: „Тој јасно стави до знаење дека не е подготвен да преговара за суверенитетот.“ Секогаш пред очи се има Маргарет Тачер како непопустлива „Железна лејди“, вели професорот од Лондон, но владата на Камерон е всушност онаа што има најцврст став во изминатите 30 години.
Лоренс Алан, прогностичар во ИХС Глобал Инсајт, го дели ставот на Додс. Во изминатите 12 месеци стана јасно дека британската влада посегна по иницијатива, вели тој. Таа е многу „посилно присутна во Латинска Америка и се обидува по дипломатски пат да ја зајакне својата позиција кај соседите на Аргентина“.
Сајмон Винчестер, по инвазијата во 1982 година, беше еден од првите новинари на островите. Британскиот автор, кој во меѓувреме живее во САД, тогаш беше уапсен за „шпионажа“ и беше зтаворен од страна на Аргентинците три месеци. Винчестер за ДВ оценува дека не верува во нова инвазија, зашто не се исплаќа да се умре за тоа, дури би било и смешно. Во една од најсиромашните точки на планетата живеат мал број луѓе, нагласува новинарот „и двете големи сили сигурно имаат поважни работи од тоа да се караат, да дозволат да гинат луѓе и да се пролева крв“. Мнозинството луѓе ќе сфати дека тоа би било лудо и дека не смее да се случи повторно. За време на 72-дневната војна во 1982 година загинаа 649 Аргентинци, 255 Британци и тројца жители на Фокландите.