Британски шпиони надгледувале учесници на самитот Г20
17 јуни 2013Британската тајна служба, според еден весник, шпионирала делегати на самитот на Г20 во 2009 година во Лондон (на насловната фотографија). Весникот „Гардијан“, повикувајќи се на документи на откривачот на американската програма за шпионирање „Призм“, Едвард Сноуден, информира дека биле надгледувани компјутери и телефонски повици. Меѓу погодените биле НАТО партнерот Турција и Јужноафриканската Република, пишува весникот.
Некои делегации биле наведени на тоа да користат интернет кафулиња, кои претходно ги опремиле тајните служби. На тој начин можела да се следи и-мејл комуникацијата. Со акцијата британската влада очигледно сакала да обезбеди успех во преговорите на самитот, се вели во извештајот. Надгледувањето го спровела Government Communications Headquarters (GCHQ), што е британски пандан на американската тајна служба НСА.
Наредба од владата на премиерот Браун
Жртва на акциите во април и во септември 2009 година, според весникот, бил турскиот министер за финансии. Во визирот била и комуникацијата на тогашниот руски претседател Дмитри Медведев со неговата делегација. Наредбата за тоа дошла од владата на тогашниот лабуристички премиер Гордон Браун. Откритијата на „Гардијан“ се совпаѓаат со почетокот на самитот на Г8, чиј домаќин е британскиот премиер Дејвид Камерон.
Деталите за програмата „Призм“ со која американската тајна служба НСА анализирала податоци на корисниците кај големите концерни „Гугл“, „Фејсбук“ и „Мајкрософт“ неодамна беа објавени во два весника. Сноуден, кој се декларираше дека е изворот кој ги информираше медиумите, се наоѓа во Хонгконг.