1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Британската влада врши притисок врз печатот

Регина Мених / Елизабета М. Фиданоска30 октомври 2013

„Гардијан“ објави материјал од тајните служби со кој располага Едвард Сноуден, а британскиот премиер потоа отворено му се закани на весникот. Тоа во Германија не е можно, оценуваат познавачите на медиумската сцена.

https://p.dw.com/p/1A8wI
Фотографија: Reuters

Разликата меѓу доброто и лошото, според британската влада, е очигледно - тајните служби вршат важна работа во борбата против тероризмот и кој објавува детали за нивната работа во јавност, тој е непријател. Премиерот Дејвид Камерон на маргините на неодамнешниот самит на ЕУ остави простор за да се препознае ваквиот став. Притоа, под „непријател“ тој мисли на Едвард Сноуден. А како противник Камерон очигледно ги гледа медиумите како „Гардијан“, така барем звучат неговите изјави:

„Ако немаат чувство за општествена одговорност, тогаш на владата ќе и‘ биде тешко да се воздржи и да не дејствува“, рече Камерон за британските медиуми, зборувајќи во парламентот во Лондон. Тој особено го обвини весникот „Гардијан“ дека и натаму објавува информации на тајните служби, наместо, како што е дадено уверување, да ги уништи. Новинарот на „Гардијан“ Глен Гринвалд во јуни 2013 година од Едвард Сноуден ги доби првите информации за работата на американската тајна служба НСА, а потоа неговиот весник ги објави и првите извештаи за тоа.

The Guardian Ausgabe vom 21.08.2013
Фотографија: Reuters/Suzanne Plunkett

„Во Германија - незамисливо“

Германски канцелар да изрече такви закани кон некој весник е „сосема незамисливо“, оценува Ханс Лајендекер, кој се занимава со истражувачко новинарство. Лајендекер работи за „Зиддојче цајтунг“, весник кој беше меѓу првите медиуми во Германија кои ги објавија откритијата на Сноуден. Во секојдневната работа има постојано обиди на политичари да извршат влијание врз медиумите, вели Лајендекер, но тоа главно се случува откако ќе биде објавен некој непријатен по нив извештај, па се закануваат дека веќе нема да даваат информации или ќе исклучат некој новинар од кругот на луѓе кои ги брифираат.

Hans Leyendecker bei Maybrit Illner 25.04.2013
Ханс ЛајендекерФотографија: imago

Обидите да се влијае врз известувањето што ги прават претпријатијата, на пример кога станува збор за економски афери, нагласува Лајендекер, имаат потешки последици. „Тогаш почесто има закани со тужби или обиди со адвокати да се спречи објавување на некој текст.“

Особено предиспониран за политичко влијание е јавниот радиодифузен сервис (каде припаѓа и ДВ), нагласува Михаел Редиске, прв човек на „Репортери без граници“ во Германија. Тоа е така, затоа што јавниот сервис има надзорни тела во кои има претставници на различни општествени групи, меѓу кои и пратеници и министри.

Michael Rediske
Михаел РедискеФотографија: privat

Сепак, вкупно земено, електронските медиуми и весниците во Германија „можат навистина многу да се спротивстават на директно влијание од страна на политиката“, нагласува Редиске и тука укажува на случајот Вулф. Поранешниот германски претседател Кристијан Вулф имал намера во заканувачки телефонски разговор со главниот уредник на весникот „Билд“ да спречи објавување на извештај за спорен кредит. Весникот извести за овој заканувачки повик на Вулф, по што аферата добиваше се‘ поголеми размери и на крајот го чинеше Вулф претседателска функција. Вршење отворено влијание врз новинарите во Германија важи за скандал и тоа „и‘ се враќа на политиката“, вели Редиске.

Националната безбедност во Велика Британија има голема тежина

Британскиот премиер Дејвид Камерон не е единствениот кој го криткува весникот „Гардијан“. Водечките британски медиуми со недели остро го критикуваат откривањето на документите на тајните служби и со тоа секогаш стрелаат и кон „Гардијан“. На пример, неодамна „Дејли Мејл“ за „Гардијан“ напиша: „Весник кој им помага на нашите непријатели“. Весникот „Сан“ пак, имаше текст со наслов кој го пренесува барањето на еден конзервативен политичар: „Поведете истрага против ’Гардијан’ поради поддршка на терористите“. Притоа, меѓу редови, секогаш како аргумент стои националната безбедност.

Symbolbild Medienfreiheit
Фотографија: Fotolia/wellphoto

Редиске оценува дека во Велика Британија има една суштинска разлика во однос на другите земји: „Таа разлика е што Велика Британија, по САД и поради терористичките напади во лондонската железница, се гледа себеси како значително позагрозена од другите земји. Затоа населението на ’безбедноста’ и‘ дава поинаква тежина во однос на ’слободата’.“

Во Германија има особено голема скепса кон поими како „државни интереси“ или „државна тајна“, ако поради ништо друго, тогаш поради сопственото минато, зашто тие поими беа злоупотребувани во времето на владеењето на нацистите, нагласува Редиске.