Брисел ја принуди Полска да ги намали патарините
6 мај 2012За разлика од Хрватска каде поскапуваат патарините, и Словенија каде со години веќе траат обидите да се влијае на намалување на цените на вињетите за автопатот, во Полска, ЕУ беше поуспешна. Веќе од јуни годинава патарините во Полска ќе бидат поефтини, токму во пресрет на почетокот на Европското првенство во фудбал.
За разлика од случајот со Словенија, патарините во Полска ќе бидат речиси двојно поефтини. Како главен аргумент притоа се користи фактот што за изградба на автопатиштата биле користени пари од ЕУ, па оттука преку наплата на патарините не се дозволува да се остварува профит, туку само да се покриваат трошоците.
Интересно е што и новите словенечки автопатишта беа изградени со помош на ЕУ, но допрва ќе треба да се истражува дали тие со наплатата на патарините профитираат, или само си ги покриваат трошоците.
Од воведувањето на електронската наплата на патарините, полските автопатишта станаа многу вносни делници. Поради тоа, можно е, ЕУ да побара и враќање на дел од субвенциите. За да не дојде до тоа, полското министерство одлучи да ги намали цените.
Просечната цена на автопатиштата кои беа под државна капа во Полска досега изнесуваше околу пет евроценти за километар, а во иднина ќе изнесува двојно помалку. Кај оние со кои управуваат приватни компании, цената останува околу седум евроценти за километар.