Брисел предупредува на заканите од популизам
23 април 2012Претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Барозо и повеќемина европски комесари „често ги повикуваа европските лидери да не подлегнуваат на искушението да држат популистички говори и да продолжат со унапредувањето на Европа во мир и стопански развој“, изјави Оливије Баји, портпарол на Барозо.
„Треба да се води сметка за заканите од популизам, од ширењето на вакви идеи, кои се спротивни на идеалите кои ги носи европската конструкција“, рече Баји.
Марин Ле Пен во првиот круг од вчерашните претседателски избори во Франција освои 18 проценти од гласовите, зад социјалистот Фрнасоа Оланд со 28,6 проценти и актуелниот претседател Никола Саркози со 27,1 проценти. Таа одржа говор полн критики кон ЕУ.
Баји призна дека економската криза ги засилува социјалните нееднаквости што во таков економски контекст создава политички терен за развој на популизам. Но, заедништвото е одговор на предизвиците на кризата, смета тој:
„Добар одговор е воведување повеќе Европа. Во опкружување на глобализацијата неефикасно е свртувањето кон самиот себе си и барање национални решенија“, изјави Баји.