1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Брисел потврди: безвизниот режим е загрозен

Б. Георгиевски/мм/дпа/макфакс16 октомври 2012

Европската комисија во понеделникот предупреди неколку земји до Балканот, меѓу кои и Македонија, на можност за повторно воведување визи за нивните граѓани поради големиот број злоупотреби на визната либерализација.

https://p.dw.com/p/16QaJ
Фотографија: picture alliance/dpa

Шест земји од Европската унија - Австрија, Белгија, Франција, Германија, Луксембург и Холандија, официјално побараа повторно воведување задолжителни визи за граѓаните на Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија и Македонија, незадоволни поради зголемувањето на бројот на неосновани барања за азил, коишто ги поднесуваат државјаните на овие балкански земји кога ќе се најдат на територијата на земјите членки на ЕУ.

За ова барање ќе се расправа на идната седница на министрите за внатрешни работи на земјите членки на ЕУ, што ќе се одржи на 25-ти октомври во Луксембург, изјави Микеле Черконе, портпарол на еврокомесарката за внатрешни работи Сесилија Малмстром.

„Ситуација загрижува. Големо мнозинство од барањата за азил се неосновани и штетни бидејќи ги преоптоваруваат службите задолжени за решавање на барањата во државите кои се жалеа“, додаде Черконе.

Прописите за азил во земјите од ЕУ, имено, бараат сите апликации да се разгледуваат и решаваат поединечно, вели Черконе. Државјаните на споменатите пет земји само во Германија поднеле повеќе од пет илјади барања за азил од почетокот на оваа 2012 година, потсети тој.

Можноста за влегување на територијата на Европската унија без виза „вклучува одговорноста на властите и граѓаните на тие земји“, предупреди Черконе.

„Важно е властите во тие земји да дејствуваат и да донесат силни мерки, бидејќи доколку тој проблем брзо не биде решен, постои можност дека ќе мораат да ги трпат последиците. Ние добивме конкретно барање за повторно воведување визи“, коментираше Черконе.

Инаку ова се случува во моментите додека владите и парламентите на ЕУ преговараат за заштитна клаузула.

„Доколку биде постигнат договор за тоа, земјите ќе можат да пријават проблем и да побараат примена на таа клаузула за укинување на безвизниот режим. Комисијата ќе го проучи тоа барање и ќе понуди решение, коешто државите ќе мора да го одобрат со квалификувано мнозинство“, рече Черконе.

Дачиќ и’ нуди на ЕУ да и’ ги плати трошоците

Српскиот премиер Ивица Дачиќ вчера експресно реагираше по предупредувањето од Брисел, и понуди неговата држава да ги плати трошоците за лажните азиланти.

„Подготвени сме да ги платиме трошоците за овие 10 илјади лажни азиланти, затоа што тоа ќе не’ чини поевтино отколку да го загубиме безвизниот режим“, рече Дачиќ.

Македонската вицепремиерка Теута Арифи вчера порача дека властите ја следат ситуацијата и ќе продолжат со активностите за минимум злоупотреби на безвизниот режим со земјите од Шенген.

Официјален Брисел бара од балканските земји да ги зајакнат контролите при излез од земјите, да го подобрат дијалогот со своите граѓани и да продолжат со интеграцијата на малцинствата, особено Ромите.

На ваквите барања веќе реагираше организацијата Амнести интернешнл, од каде соопштуваат дека е неприфатливо да се усвојуваат политики со кои експресно ќе се отфрлаат барањата за азил.

„Во многу случаи, луѓето се дискриминираат на Балканот. Тоа особено се однесува на Ромите и нивните барања не треба да се отфрлаат како лажни“, рече Анелизе Балдачини од Амнести.