Брисел очекува коректни избори во Србија
3 мај 2012Не сакајќи да се мешаат во внатрешнополитичките прилики и во предизборната кампања во Србија која влегува во финишот, европските претставници нагласуваат дека се надеваат на коректна изборна процедура, со желба за што побрзо продолжување на соработката со идните проевропски ориентирани власти во земјата:
„Дали се надеваме дека како резултат на изборите ќе имаме ново политичко лидерство кое ќе биде поотворено за регионална соработка и кое ќе продолжи по европски пат? Се разбира дека се надеваме“, изјави еврокомесарот за проширување Штефан Филе, додавајќи дека се надева на соработка со новоизбраните политички претставници на Србија.
Истовремено, од канцеларијата на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Кетрин Ештон порачуваат: „Како што е случај и со секоја друга земја, ЕУ од изборите во Србија се очекува да бидат добро спроведени и волјата на народот да биде испочитувана“, изјави за ДВ портпаролот на шефицата на европската дипломатија Мајкл Мен. Тој додава: „Сите знаат дека Србија е кандидат за членство во ЕУ. Тоа е добра вест и на тој пат е завршена многу работа. Се надеваме дека каква и власт да произлезе од овие избори таа ќе продожи да ја води Србија по тој пат.“
Во Брисел посебно се поздравува договорот за учество на ОБСЕ во спроведувањето на српските претседателски и парламентарни избори на територијата на Косово. На Косово, на 6 мај, ќе бидат отворени 90 избирачки места, на 28 локации. Ештон ги повика Белград и Приштина да соработуваат со ОБСЕ со „добра волја“ и да се воздржат од сите акции кои би можеле да предизвикаат тензии, за изборите на Косово да бидат спроведени мирно и според законот.