1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Брисел одлучи да го контролира грчкиот буџет

16 февруари 2012

Министрите за финансии на земјите од еврозоната го зацврстија планот за построга контрола на грчкиот буџет. Атина сепак ќе мора да се согласи буџетот да и биде под контрола на Брисел.

https://p.dw.com/p/143vm
Фотографија: picture-alliance/dpa

По три и пол часовната теле-конференција на 17-те ЕУ министри, беше поздравена одлуката на грчката влада да скрати дополнителни 325 милиони евра од буџетот, откако претходно беа договорени масовни отпуштања во јавните служби и намалувања на платите и пензиите.

Исто така, поздравени се и писмата од лидерите на двете водечки грчки политички партии, Папандреу и Самарас во кои тие даваат гаранции дека ќе го продолжат курсот на штедење и по предвремените парламентарни избори закажани во април годинава.

Но, сигнализирајќи длабока недоверба кон Атина, која е особено карактеристична за Германија, Холандија и Финска, и дефинитивно беше прифатен планот за построга контрола на грчките финансии пред да биде исплатена новата транша од помошта.

„Неопходни се натамошни размислувања за да се обезбеди подобро набљудување на грчките финансии, со што ќе се даде приоритет на сервисирањето на долговите“, изјави шефот на еврогрупата Жан Клод Јункер.

Eurogruppe EU Finanzminister Treffen Brüssel Juncker Rehn
Претседателот на еврогрупата Жан Клод Јункер и еврокомесарот Оли РенФотографија: dapd

Изјавата на Јункер е уште една потврда дека во Брисел дефинитивно е прифатен француско-германскиот план за создавање на посебна сметка, настрана од грчкиот тековен буџет, од која ќе се исплаќа огромниот долг на Грција. Засега останува нејасно дали со оваа сметка ќе бидат контролирани само парите кои Атина ги добива како помош од кредиторите или пак во неа ќе се слеваат и останатите приходи на грчката влада.

Ваквата сметка ќе и даде на еврозоната огромна контрола врз тоа како Грција ги троши своите пари, но истовремено ќе претставува и невиден преседан и мешање во фискалната политика на една суверена земја.

Во Европската Комисија, која е задолежна за спроведување на економската контрола во рамки на ЕУ, веќе се работи на детали од предлогот, кој ќе биде официјално презентиран в понеделник на состанокот на министрите во Брисел.

Грчкиот министер за финансии Евангелос Венизелос соопшти дека комбинацијата од писмени ветувања, изгласаните закони во парламентот и реформите на пазарот на трудот, се „кредибилен одговор на сите оние во Европа кои се сомневале во способноста на Грција да го исполни бараното“.

Troika Athen Griechenland
Грчкиот министер за финансии Евангелос ВенизелосФотографија: dapd

Но, извори од средбата во Брисел ги демантираат ваквите наводи на Венизелос. Висок извор од германската влада за агенцијата Асосиејтед прес соопшти дека информациите за преземените грчки чекори стигнале буквално на неколку минути пред почетокот на конференцијата, така што министрите немале време во детали да ги разгледаат. Истиот извор тврди дека сите 17 министри биле единствени во одлуката за засилен мониторинг на грчките финансии.

Конечната одлука за новиот механизам за контрола на грчкиот буџет, како и за следната транша од 130 милијарди евра помош за земјата треба да биде донесена в понеделник.

Автор: Борис Георгиевски/афп/ап

Редактор: Александра Трајковска