1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Брисел ги повика босанските политичари да бидат одговорни

Марина Максимовиќ / Елизабета М. Фиданоска16 јуни 2013

ЕУ ги повика лидерите во БиХ да бидат одговорни кон своите граѓани и да работат повеќе на европската иднина на земјата. Денеска се навршуваат пет години од потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација.

https://p.dw.com/p/18qnW
Фотографија: picture-alliance/dpa

Босна и Херцеговина на денешен ден (16 јуни) пред пет години го потпиша Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ (на насловната фотографија -  Оли Рен и Никола Шпириќ го потпишуваат Договорот). Иако на потпишувањето му претходеа преговори, кои почнаа уште во 2005 година, до овој момент договорот не стапи во сила.

„Договорот за стабилизација и асоцијација е важен инструмент за ЕУ и нејзините партнери кои сакаат да и‘ се приклучат на Унијата. Пред поднесување на барањето за членство, една земја мора да има не само потпишан и ратификуван Договор за стабилизација и асоцијација, туку тој треба да биде и во целосна примена. Во случајот на БиХ овој договор ги мина сите скалила, но ниту стапи, ниту како што се чини, ќе стапи во сила без примена на пресудата во случајот ‘Сејдиќ Финци‘“, гласи пораката на ЕУ, која за Дојче веле ја пренесува Петер Стано, портпарол на еврокомесарот за проширување.

Eduard Kukan
Едуард КуканФотографија: DW

„Пет години се долг период и би било погрешно и нефер да кажеме дека ништо позитивно не се случило за тоа време“, вели за ДВ Едуард Кукан, шеф на делегацијата на Европскиот парламент за односи со земјите од ЈИЕ. „Имаше напори за зајакнување на демократијата во земјата, за завршување на транзицијата кон пазарна економија, како и позитивни чекори во регионалната соработка. Но, тоа едноставно не е доволно и се‘ се правеше многу бавно“, нагласува Кукан.

„Ќе дојдат во Брисел, ќе потпишат нешто и ништо не сработуваат“

Во Брисел се повторува дека „застојот“ и „доцнењето“ на БиХ на патот на евроинтеграции се видливи и константни. Се додава дека европското залагање за помош на БиХ е секогаш присутно и дека тоа никогаш не се доведува во прашање. Но, како што нагласува известувачот за БиХ во ЕП, Дорис Пак, „не е можно да му се помогне на некој кој не сака да му биде помогнато“.

Пак нагласува дека кон БиХ е „построга отколку кон другите, зашто сака да и‘ помогне“. „Не гледам можни промени во иднина. Јас на европските институции им препорачав да ги натераме да работат. Барав од Советот на Европа да размисли за суспензија на членството на БиХ поради неможност од 2009 година да се договорат за имплементација на пресудата во случајот ‘Сејдиќ Финци‘. Ја повикав и Европската комисија да размисли за суспензија на Преодниот договор кој е на сила, како и за суспензија на претпристапната помош. Ние немаме други инструменти да ги натераме да сфатат и да го прават она што мораат. Тие ќе дојдат во Брисел, ќе потпишат нешто, ќе си заминат дома и ништо!“, вели Дорис Пак.

Doris Pack Abgeordnete Europaparlament
Дорис ПакФотографија: Europäisches Parlament

Таа уште за ДВ оценува дека денес, пет години по потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација, односите на БиХ и ЕУ се во лоша состојба и дека е се‘ посилен впечатокот дека политичарите во БиХ всушност не сакаат да работат на приближување на својата земја кон ЕУ, како и дека „не се грижат толку за својот народ, колку за своите џебови“.

Од Брисел и по овој повод стигнува аларм за БиХ: „Навршувањето пет години од потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација мора да послужи како уште еден повик за будење на политичките сили во земјата да бидат одговорни кон своите граѓани кои заслужуваат европска иднина“, порачува Едуард Кукан.