1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Брахими именуван за пратеник на ОН за Сирија

БГ/афп/ртр/миа18 август 2012

Алжирскиот дипломат ќе се обиде да најде мирно решение за војната во Сирија. Се позачестени шпекулации дека и сирискиот потпретседател избегал од земјата

https://p.dw.com/p/15sER
Фотографија: picture-alliance/dpa

Поранешниот министер за надворешни работи на Алжир и долгогодишен дипломат на ОН, Лакдар Брахими и официјално е избран за нов мировен пратеник на ОН за Сирија.

Брахими, кој претходно беше пратеник на ОН во Авганистан и Ирак, прифати да го замени Кофи Анан и да се обиде да изнајде дипломатско решение за кризата во Сирија, соопшти портпаролот генералниот секретар на ОН, Едуардо дел Буеј.

Анан на почетокот на месецов најави дека на 31 август ќе се повлече од функцијата, откако не успеа да го спроведе мировниот план за Сирија која оттогаш западна во граѓанска војна.

Американската државна секретарка Хилари Клинтон го поздрави именувањето на Брахими и оцени дека тој „ќе продолжи да работи на ставање крај на судирите и мирна транзиција на Сирија“.

Именувањето на Брахими го поздравија и Кина и Русија.

Борбите продолжуваат

Во Сирија во меѓувреме продолжуваат жестоките судири меѓу бунтовниците и армијата. Според опозициски извори, армиската артилерија го бомбардирала Алепо и други поважни стратегиски градови.

Krieg in Syrien Kämpfe in Aleppo
Битки во АлепоФотографија: Reuters

Истите извори се позачестено шпекулираат и со судбината на сирискиот потпретседател Фарук Ал Шара, кој наводно пребегнал на страната на бунтовниците, откако исчезнал од Дамаск пред десетина дена.

Според претставник на Воениот совет на бунтовничката Сириска слободна армија заменикот на Башар Ал Асад го напуштил Дамаск заедно со високи офицери и негови блиски роднини.

Доколку и официјално се потврди бегството на Ал Шарах, тој ќе биде трет висок функционер во сирискиот режим, кој избега во странство за помалку од еден месец, по поранешниот премиер Ријад Хиџаб и генералот Мунаф Тлас.