Брак од интерес на Гутенберг и „Билд“
25 февруари 2011По лансирањето на скандалот со плагијатот во докторската дисертација на германскиот министер Карл Теодор цу Гутенберг кон средината на февруари, аферата тукуречи не се симнува од насловните страни на германските списанија. Од самиот почеток влијателниот и најтиражен весник во цела Европа, „Билд“ се постави невообичаено воздржано. Најчесто овој дневен весник предничи во лансирањето афери и во сочните наслови.
Министерот Гутенберг од самиот почеток на успешната кариера грижливо го бараше и добро го одгледуваше контактот со весникот Билд, што го издава конзервативната куќа „Аксел Шпригнер“. Како пример може да се земе фактот што Гутенберг секогаш канеше репортери на Билд при своите ненадејни посети на германските војници во мисијата во Авганистан. Редакцијата на весникот исто така во чекор ги следеше и активностите на сопругата на министерот, Штефани, на пример, кога поведе кампања во јавноста против педофилите.
Николаус Бломе, раководител на редакцијата на Билд во главниот град Берлин, во ТВ шуо неодамна не го криеше ставот на неговата куќа кон министерот Гутенберг.
„Така е, имаме свое мислење за овој министер и тоа е дека го сметаме за добар.“
Анкети за дневна употреба
Бломе во шоуто не се воздржуваше да ги критикува уредниците на речиси сите други германски медиуми како „завидливци“ затоа што сметаат дека Гутенберг треба да поднесе оставка по нарушувањето на неговиот углед и веродостојност поради плагијатот во докторската дисертација.
Битката околу реномето на Гутенберг доживеа нова кулминација на денот кога тој требаше да се соочи со критиките од пратениците во парламентот во Берлин. На насловната страна на Билд стоеше: „Ова е ден на одлуката“, се мисли на заминувањето или останувањето на Гутенберг на функцијата. Весникот дента стартуваше и анкета на јавното мислење, каде граѓаните можеа на два различни телефонски броја да се јавуваат и да го кажат своето мислење дали Гутенберг треба да остане или не. Според резултатот од анкетата дури 87% биле за останување на министерот. Уредниците на Билд меѓутоа премолчеа дека на нивната интернет-страна претходно 55% од корисниците барале оставка на министерот.
За новинарот на „Зидојче цајтунг“ Ханс Лајендекер станува збор за вистински феномен тоа што Гутенберг уште останува на функцијата. Секој друг политичар би морал да поднесе оставка по толкавиот притисок во јавноста:
„За него е создадена позитивна предрасуда, луѓето се уверени дека тој застапува вистински вредности, дека е многу доверлив, дека е поинаков од останатите политичари затоа што ионака има доволно пари, па се’ што прави не е за лична негова корист. Затоа луѓето му простуваат постапки, коишто не би им ги простиле на други политичари.“
И Гутенберг купува медиумска наклонетост со реклами
Во меѓувреме сојузот меѓу министерот Гутенберг и весникот Билд стана тема на дебати и во Бундестагот. Пратеникот на опозициската Социјалдемократска партија Ханс Петер Бартелс посочи:
„Кога весникот Билд во саботното издание со огромни букви ја јавува главната сензација дека министерот нема да поднесе оставка, а под тоа со многу помали информира за загинувањето на нашите војници во Авганистан, тоа го сметам за грубо кршење на новинарските стандарди!“
Во друга прилика пратеникот на опозициската Партија на Зелените, Јирген Тритин, посочи на друг детал:
„Сега сметам дека е многу интересно кој ќе ги добие вносните налози за реклами, со кои треба да се привлекуваат нови регрути во нашата армија што се професионализира. Нив ќе ги добијат имено исклучиво весникот Билд и неговите разни изданија и портали. Реформа и професионализација на армијата, што почива на валкана зделка со издавачката куќа Шпрингер, која го поддржува министерот, нема никогаш да биде успешна!“
Автор: Марсел Фирстенау/Горан Чутаноски
Редактор: Борис Георгиевски