Bolschoi-Theater Wiedereröffnung
5 ноември 2011Експертите проценуваат дека во реставрацијата на објектот, што е и руски национален симбол, владата вложила околу една милијарда евра. Во проектот учествуваа и германски стручњаци. Насекаде во Бољшој тетатарот е вградена најнова германска техника. За адекватна техника за бината и осветлувањето се погрижи германската фирма Бош Рексрот. Фирмата-ќерка на претпријатието Роберт Бош доби на тендерот вреден 200 милиони евра.
Москва ангажира германски експерти
Германското „ноу хау“ се покажа и кај акустиката. Зградата на театарот потекнува од 1856 година. Во 20 век на неа беа направени градежни промени, кои наштетија на акустичноста на објектот. Поради тоа, главна цел на реставрацијата беше нејзино повторно воспоставување. Оваа задача ја презеде германската фирма Милер ББМ, водечка во светот на полето на просторна акустика во театрите и во концертните сали. Јирген Рајнхолд, соработник на фирмата, е познат експерт на полето на градежната физика. Тој има учествувано во модернизацијата на познати театри и оперски куќи , меѓу другото тататарот Регио ди Парма, тетатарот Ла Фенис во Венеција, театарот Сан Карло во Неапол, Оперската куќа во Флоренца.
Надвор со бетонот од времето на Советскиот сојуз
Во подобрувањето на акустиката во театарот Бољшој Рајнхолд работеше шест години. Работата ја почна во последните денови додека театарот уште не беше затворен.
„Во тој период добро ги простудирав материјалите и сите површини за да дознам што било употребено при градбата“, вели тој за Дојче веле.
Бетонски под во опера?!
При мерењата брзо било откриено дека подот поставен во времето на Советскиот сојуз мора да биде отстранет.
„ Значајна улога имаше бетонската плоча вградена во партерната зона, веројатно заради статичко стабилизирање. На бетонската плоча директно беше налепен дрвен паркет. Тоа беше тежок под, неадекватен за оперска сала“, вели Рајнхолд. Подот сега е заменет со полесна дрвена конструкција, која овозможува создавање поголеми вибрации.
Оркестарскиот подиум во Бољшој театарот порано беше премал споредено со големината на објектот и денешните потреби. Тој е проширен, а подигната е и бината.
„Бината беше висока само 65 сантиметри од првата редица гледачи. Тоа е премалку за еден ваков театар, а носи и непогодности за целиот партер, па моравме да го коригираме“.
Но, германските експерти по акустика не беа ангажирани само во тетатарот.
„ Постои уште и аспектот на метрото, кое влијае врз тетатарот, предизвикувајќи потреси“, објаснува Рајнхолд.
Зашто, московското метро поминува на само 40 метри од Бољшој тетатарот. За да се заштити театарот од вибрациите, во дел од тунелот на метрото се поставени гумени облоги,а под шините исто така амортизирачки материјал.
Германскиот експерт за градежна физика е задоволен од резултатот од реставрацијата на театарот:
„Морам да ги пофалам планерите со кои соработував, главно реставраторите. Соработката функционираше беспрекорно, делумно на ниво кое е типично за Западна Европа“, вели Рајнхолд.
Автор: Наталија Королева/ Ж.Ацеска
Редактор: Александра Трајковска