1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бојкот на изборите на Косово би бил најлош избор

Марина Максимовиќ/ Симе Недевски31 октомври 2013

Без оглед дали Белград и Приштина ќе постигнат договор за преостанатите отворени предизборни прашања, локалните избори на Косово ќе се одржат како што е планирано, в недела на 3 ноември, порачано е од Брисел.

https://p.dw.com/p/1A9UP
Фотографија: picture-alliance/dpa

Само три дена пред одржувањето на локалните избори на Косово, има многу недовршени работи и прашања без одговори. Иако Европската унија со месеци наназад ја истакнуваше важнота на „добро подготвените и спроведени избори, со што поголема излезност“, во Брисел и натаму се разговара за ознаките на гласачкиот материјал, составувањето на изборачките списоци и посетите на Косово на официјалните претставници на Србија.

Во самиот финиш на изборната кампања, која ја одбележаа несогласувањата меѓу Белград и Приштина, како и меѓусебните кавги на косовските Срби, дојде до закана со бојкот од Србите од северно Косово и тоа во случај на изборниот материјал да се најдат обележја на Република Косово. Изборната комисија порача дека „изборниот материјал е технички подготвен и повеќе нема да се менува“, додека пак српските преговарачи во Брисел истакнаа дека се мали шансите да дојде до договор и оти Приштина не попушта ни за милиметар.

Сите повикуваат на избори

Европската унија , како посредник во техничките разговори до последен момент се обидува да задржи „неутралност“, па не се изјаснува во врска со изборниот материјал ниту пак за другите отворени прашања. Брисел не сака да го коментира можниот исход на овој веројатно последен технички состанок на делегациите од Белград и Приштина пред изборите на 3. ноември. Во европските дипломатски кругови нагласуваат дека в недела ќе се одржат локални избори на Косово и оти е во „интерес како на Србија, така и на Косово, но и на нивните евроинтеграции“, изборите да бидат фер и коректни и да бидат спроведени во добра атмосфера со учество на сите заедници.

Serben in Kosovska Mitrovica Wahlen
Фотографија: picture-alliance/dpa

Таков пристап следат и официјалните претставници на Белград, кои покрај повикот до Србите да излезат на избори, предупредуваат дека бојкотот на гласањето би бил „најлошиот избор“, кој би оневозможил формирање на Заедница на српски општини на Косов. Истовремено и косовскиот премиер Хашим Тачи, очекува „солидна“ излезност на косовските Срби и формирање на нивно легитимно локално раководство. Тачи смета и оти претстојните избори ќе испратат порака дека Косово се движи со сигурни чекори и оти ги исполнува европските критериуми и стандарди.

Во финишот на предизборната кампања

Во наредните денови се очекува, Брисел, Белград и Приштина уште еднаш да ги повикаат жителите на Косово да излезат на изборите на 3. ноември. Во таа насока првиот потпретседател на српската влада Александар Вучиќ на последниот ден од изборната кампања ќе го посети Косово. Останува да се види како ќе помине таа посета, со оглед дека со Вучиќ на Косово треба да дојде и министерот за Косово во српската влада Александар Вулин, кому Приштина му забрани влез на територијата на Косово.

Во Брисел не се коментираат отворените прашања на изборната кампања, туку се најавува дека, со цел поддршка на изборите на граѓаните на Косово ќе им се обрати и шефицата на дипломатијата на ЕУ, Кетрин Ештон. Се најавува и дополнителна европска финансиска помош, а сѐ со цел продолжување на нормализацијата на односите меѓу Србија и Косово.