Борче Давитковски на чело на Комисијата за 24 декември
12 јуни 2013„Со задоволство истакнуваме дека е најдено решение за претседател на Комисијата која што ќе ги истражи настаните од 24 декември. Се работи за проф. д-р Борче Давитковски, актуелен декан на правниот факултет Јустинијан Први при Универзитетот ’Св. Кирил и Методиј’ во Скопје“, се вели во соопштението од владејачката и опозициската партија.
Двете партии нагласуваат дека особено радува фактот што компромисното решение подразбира избор на претседател кој што е домашен експерт и високо почитуван во професијата и јавноста. Тие очекуваат Комисијата ефикасно да работи и брзо да излезе со свои заклучоци за спорните настани.
„Ова е основа за нормализирање на политичкиот дијалог во Македонија и нов поттик за евроинтегративниот процес во земјава“, се додава во партиските соопштенија.
Комисијата беше услов во политичкиот договор постигнат на 1 март под капата на европските претставници, со кој опозицијата се согласи да учествува на локалните избори.
Оттогаш двете партии не можеа да се договорат кој да биде претседател на Комисијата, а по првата средба на новоизбраниот претседател на СДСМ Зоран Заев и премиерот Никола Груевски, двајцата се заложија за изнаоѓање брзо решение.
Во комисијата уште членуваат Благородна Дулиќ и Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ и Љубомир Фрчкоски и Рената Дескоска.