1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Борусија уверливо до титулата

2 мај 2011

На две кола пред крајот на првенството, Борусија Дортмунд по седми пат во својата историја ја освои титулата во Бундеслигата. Во борбата за опстанок голема неизвесност околу последните две места кои водат во понизок ранг

https://p.dw.com/p/117Zi
Големо славје во Дортмунд за седмата титулаФотографија: dapd

„Крај во Дортмунд. 30 април 2011 година, ден за фудбалската историја: Борусија Дортмунд е германски првак“. Гласот на радио-коментаторот го најави она што веќе извесно време се очекуваше.

Со победата од 2:0 над Нирнберг, Борусија Дортмунд ја обезбеди својата седма титула на две кола пред крајот на првенството. Тренерот Јирген Клоп успеа да го оствари неочекуваниот триумф со извонредно млад и талентиран тим, кому пред почетокот на шампионатот му се даваа мали шанси за ваков успех.

„Чувството е поинакво од она што го очекував. Многу повеќе е олеснување, отколку еуфорија. Но, без разлика, многу сум горд на моите играчи“, изјави Клоп.

Лукас Бариос и Роберт Левандовски со по еден погодок ја донесоа победата пред 80. илјади еуфорични навивачи на стадионот во Дортмунд. Осумте бодови предност на врвот на табелата сега се недостижни за најблиските конкуренти.

„Извонредно е чувството што уште денеска ја обезбедивме титулата. Мислам дека тоа го посакуваа сите навивачи“, изјави капитенот Роман Вајденфелер.

Bundesliga 32. Spieltag 2010/11 Köln Leverkusen
Леверкузен загуби во Келн и повторно остана без титулатаФотографија: dapd

Бајер остана „вицекузен“

Борусија профитираше и од поразот на најблискиот конкурент Бајер Леверкузен, кој загуби на гостувањето кај Келн со 2:0. Анализата по мечот ја направи Михаел Балак.

„Доколку се прави анализа на сезоната, тогаш може да се заклучи дека забележивме неуспеси во клучните натпревари кога се решаваше првенството и кога се‘ уште имавме шанси да го преземеме врвот“, изјави Балак.

Сепак, Леверкузен има обезбеден пласман во Лигата на шампионите, а за тимот на Келн трите бода имаа извонредно значење во борбата за опстанок. На третото место, кое води во најквалитетното европско натпреварување, повторно се искачи Бајерн Минхен, по убедливата победа од 4:1 против Шалке, кој повеќе нема амбиции во првенството.

„Имаме предност од два бода, но сезонава во повеќе наврати успевавме во вакви ситуации да правиме од готово вересија. Затоа сметам дека сега мораме максимално да се концентрираме на следниот меч против Сенкт Паули“, изјави в.д. тренерот на Бајерн, Андрис Јонкер.

Менхенгладбах во очајничка серија за спас од испаѓање

Конкурентот на баварците за третото место, екипата на Хановер забележа неочекуван пораз на домашен терен од кандидатот за испаѓање од лигата, Борусија Менхенгладбах.

„Се стабилизиравме како екипа и имаме далеку поголема самодоверба. Особено минатонеделната победа над Дортмунд ни‘ ја подигна самодовербата и мислам дека и денеска бевме подобар противник од Хановер“, оцени фудбалерот на Менхенгладбах, Роман Нојштетер. Сепак, за спас од испаѓање на екипата на Менхенгладбах најверојатно ќе и‘ бидат потребни победи и во последните два меча од сезоната.

Fußball Bundesliga 32. Spieltag: Hannover 96 - Borussia Mönchengladbach FLASH-GALERIE
Борусија Менхенгладбах ги задржа шансите за опстанокФотографија: picture alliance/dpa

Екипата на Штутгарт нема повеќе такви грижи по победата од 2:1 на гостувањето кај Хофенхајм. Заедно со Сенкт Паули, кој во петокот загуби во директниот дуел со Кајзерслаутерн и Менхенгладбах, сега најзагрозен е тимот на Франкфурт, кој по поразот од Мајнц од 3:0 се наоѓа на 16-то место кое води во бараж мечевите за опстанок. За Мајнц, пак, победата беше уште позначајна од обезбеденото петто место на табелата, затоа што тоа беше прв триумф против ривалот од Франкфурт во првата лига воопшто.

Во преостанатите два дуели од ова коло, Фрајбург го совлада Хамбургер со 2:0, додека Волфсбург речиси обезбеди опстанок во лигата по триумфот над Вердер од 1:0.

Автор: Арнуф Бетхер / Борис Георгиевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска