1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Борусија на врвот, Ајнтрахт во втората лига

16 мај 2011

Завршницата на бундеслигашката сезона и годинава не беше за оние со послаби срца. Голема неизвесност во битката за опстанок каде три тима од минута во минута ги менуваа местата кои водат во понизок ранг.

https://p.dw.com/p/11Gv7
Фотографија: dapd

Борусија Дортмунд е веќе две недели германски првак, но по 34. коло и официјално го доби трофејот. Во последниот меч оваа сезона Дортмунд го совлада Ајнтрахт со 3:1, на голема радост на Нури Шахин кој од следната сезона ќе ги брани боите на Реал од Мадрид.

„Подобар крај на сезоната не можев да посакам. Најпрво сум многу горд, но и многу среќен поради големиот успех“.

На радоста на тренерот Јирген Клоп исто така и немаше крај. Седмата титула во историјата на Борусија беше прославена со 500 илјади фанови на улиците на Дортмунд .

„Се радувам како мало дете што ќе се возиме низ градот. Временската прогноза за денеска беше многу лоша. Мечот заврши, небото се отвори и облаците се разотидоа. Сето тоа одлично се вклопува, но би ми било сеедно дури и од кофи да истураат вода. 500 илјади луѓе не очекуваат во градот и едвај чекам забавата да почне“, изјави Клоп.

Причини за радост немаше тимот на Франкфурт кој по четврти пат во својата историја испадна во понизок ранг.

Deutschland Fußball Bundesliga Borussia Dortmund gegen Eintracht Frankfurt
Играчите на Ајнтрахт Франкфурт во шок по преселбата во понизок рангФотографија: dapd

„Најпрво чувствувам голема празнина. Тоа се чувствуваше и во нашата игра во последниот период. Во прв ред сочувствувам со навивачите за кои клубот значи многу. Му посакувам на Ајнтрахт во најкус рок да се врати назад во првата лига, затоа што таму и припаѓа“, изјави тренерот на Франкфурт, Кристоф Даум.

Волфсбург се спаси, Ајнтрахт и Сенкт Паули во втората лига

Екипата на Волфсбург успеа да се спаси од испаѓање во последниот меч, со победата над Хофенхајм од 3:1.

„Се чувствувам опуштен, бидејќи ова беа навистина стресни и возбудливи 90 минути. Бевме во негатива, но успеавме да се вратиме и да го обезбедиме опстанокот, и затоа сум пресреќен“, изјави тренерот на Волсфбург, Феликс Магат.

Борусија Менхенгладбах успеа само до половина да ја заврши работата. Тимот се спаси од директно испаѓање во понизок ранг, но ќе мора да игра бараж натпревари против третопласираниот од втората лига, тимот на Бохум.

„На крајот сепак сме задоволни што успеавме да стигнеме до 16. место. Сега ни остануваат уште два меча и се надеваме на успех“, изјави најдобриот играч на Менхенгладбах, Марко Ројс.

Хановер и Мајнц во Лига Европа

Бајер Леверкузен успеа да го обезбеди второто место на табелата, кое директно води во Лигата на шампионите по победата над Фрајбург од 1:0. Мечот беше особено интересен затоа што Фрајбург за последен пат го водеше тренерот Робин Дут, кој од следната сезона ќе седне на клупата на Леверкузен, додека од челната позиција на Бајер се збогува тренерот Јуп Хејнкес кој пак заминува во Бајерн Минхен.

Deutschland Fußball Bundesliga TSG 1899 Hoffenheim gegen VfL Wolfsburg Felix Magath
Голема радост на тренерот на Волфсбург, Феликс МагатФотографија: dapd

Евентуалниот неуспех на Леверкузен ќе значеше и губење на втората позиција на која ќе се пласираше великанот од Минхен по победата над Штутгарт од 2:1. Зад минатогодишниот првак Бајерн сега е една турбулентна сезона која ја заврши на третото место.

„Кога сте во еден голем клуб како Бајерн знаете дека секогаш нешто се случува. Минатата сезона се случуваа многу позитивни нешта, но годинава, за жал, многу негативни“, оцени тренерот на баварците Андрес Јонкер.

Во останатите мечеви, Хановер го совлада Нирнберг со 3:1 и го обезбеди историското четврто место на табелата, додека Мајнц со победата над Сенкт Паули заврши како петти. Келн го победи Шалке со 2:1, додека Кајзерслаутерн беше поуспешен од Вердер со 3:2, во натпревари кои немаа големо резултатско значење.

Автор: Арнулф Бечер/Борис Георгиевски

Редактор: Жана Ацеска