1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Борусија и Реал Мадрид во осминафиналето

ИП/дв22 ноември 2012

Германскиот првак Борусија Дортмунд и шпанскиот Реал Мадрид го обезбедија својот пласман во осминафиналето од Лигата на шампионите, на едно коло пред крајот од групната фаза.

https://p.dw.com/p/16nz7
Фотографија: Dennis Grombkowski/Bongarts/Getty Images

На гостински терен во Амстердам, Борусија го совлада Ајакс со 4:1 и го обезбеди првото место на табелата пред Реал Мадрид со три бода повеќе.

Головите за германскиот клуб ги постигнаа Марко Ројс во осмата, односно Марио Геце во 36-та минута, а Роберт Левандовски беше двоен стрелец во 41-та и 67-та минута од натпреварот. Кај домаќините, во завршницата од пресметката прецизен беше Дани Хесен.

Манчестер Сити во пресметката со Реал, на домашен терен одигра нерешено 1:1 и се збогуваше од најелитното фудбалско натпреварување. Бензема беше заслужен за голот и водството на Мадрид, а израмнувањето и бодот на англискиот тим го донесе Агуеро од пенал.

По вчерашните пресметки, покрај Борусија Дортмунд и Реал Мадрид, учество меѓу 16-те најдобри обезбедија и германски Шалке, кој на домашен терен со 1:0 славеше над Олимпијакос, Арсенал, Милан и ПСЖ. Во осминафиналната фаза, претходно, веќе беа пласирани Порто и Малага.