Борусија Дортмунд и натаму незапирлива
15 ноември 2010Борусија Дортмунд останува суверен лидер на табелата по победата над Хамбургер на домашен терен во петокот од 2:0. Дортмунд е и вториот тим, по Бајерн Минхен кој успеал да забележи десет победи во првите 12 кола, а тренерот Јирген Клоп беше одушевен од успехот.
„Фудбалот кој денеска го одигра тимот беше неверојатен. Контролата на топката против еден силен тим каков што е Хамбургер беше извонредна. Морам да кажам дека ова беше фантастична ноќ“.
Седум поени зад Дортмунд, на второто место на табелата се наоѓа Бајер Леверкузен. Тимот на Јуп Хејнкес победи на гостувањето кај Санкт Паули, минимално со 1:0, но тој беше презадоволен.
„За мене прикажаното во првото полувреме беше одлично. Големо е задоволството што сезонава победуваме на вакви натпревари во последните моменти. Играчите се борат до последната минута, знаат да играат фудбал и имаат фантастичен морал“, рече Хајнкес.
Мајнц во криза, Фрајбург во залет
По извонредниот старт на сезоната, Мајнц е во криза. Тимот на Николче Новески по поразот од Хановер од 0:1 и по четврти пат едноподруго остана со празни раце и падна на третото место со ист број на бодови како Леверкузен.
Фрајбург постигна уште еден успех, и по победата на гостувањето кај Хофенхајм се најде на четвртото место на табелата. Единствениот гол го постигна водечкиот стрелец во лигата Папис Цисе во последната минута од мечот. Тренерот Робин Дут е задоволен.
„Во второто полувреме ја подобривме играта, а кон крајот на мечот одлучивме да го ризикувавме сигурниот бод и да одиме на сите три со воведувањето на вториот напаѓач во игра. Тоа што голот го постигнавме непосредно пред последниот свиреж на судијата секако беше среќа, но ние сме среќни поради тоа“.
Бајерн се враќа во форма
Првакот Бајерн Минхен ја забележа и третата победа едноподруго на домашен терен и се искачи на шестата позиција на табелата. Бајерн беше убедлив во локалното дерби против Нирнберг победувајќи со 3:0. Претседателот на клубот Карл Хајнц Румениге се надева дека победата е само продолжение на успешната серија.
„Сакаме да победуваме и да се искачиме повисоко на табелата. Мислам дека денеска одигравме добро, во второто полувреме и одлично, но мораме така да продолжиме. Следната сабота имаме многу важен меч нагости кај Леверкузен. Пред нас имаме уште многу работа и не треба да бидеме еуфорични бидејќи имаме голем заостаток кој треба да го надополниме“, рече Румениге.
Вердер во Бремен одигра без голови против Ајнтрахт Франкфурт, што може да се смета и за успех по минатонеделниот пораз од 6:0 на гостувањето кај Штутгарт. За Ајнтрахт ова беше и седмиот натпревар едноподруго без пораз и тимот се наоѓа во врвот на табелата.
Келн е новиот „фенерџија“ во лигата
Во Келн, пак, викендов се одигра рајнското дерби меѓу истоимениот домаќин и Борусија Менхенгладбах. Двата тима си ги заменија местата на дното на табелата, по победата на Борусија од 4:0. За тимот од Менхенгладбах тоа беше првата победа по 9 меча, и конечно малку причина за радост за нивниот тренер Михаел Фронцек.
„Мислам дека и претходно во текот на сезонава одигравме добри натпревари, но не секогаш бевме наградени за таквата игра. Денеска играчите беа наградени со водството од 1:0, а оттогаш до крајот беа едноставно сензационални“, оцени Фронцек.
Двата последни меча од ова коло завршија со поделба на бодовите и со многу голови и пресврти. Шалке извлече среќно реми, 2:2 на гостувањето кај Волфсбург, по водството на домаќините од 2:0. Уште подраматично беше во Кајзерслаутерн каде домаќините го надокнадија водството на Штутгарт од 3:0 во последните 15-ина минути и стигнаа до еден важен бод.
Автор: Кале Копс/ Борис Георгиевски
Редактор: Жана Ацеска