1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Борисов на неформална средба со Груевски

Александар Методијев/http://www.focus-news.net/миа16 февруари 2013

Бугарскиот премиер Бојко Борисов доцна денеска ќе ја посети Македонија и ќе се сретне со премиерот Никола Груевски. Средбата меѓу двајцата премиери ќе биде неформална. Борисов вели дека нема ништо тајно во средбата.

https://p.dw.com/p/17fOI
Фотографија: picture-alliance/dpa

Потврда за посетата на Македонија Борисов даде во емисијата на бугарската телевизија Нова „Бугарија зборува“. Борисов во емисијата рече дека нема ништо тајно во посетата на Македонија и дека пред неколку дена во телефонски разговор му споменал на македонскиот премиер Груевски дека наскоро ќе се сретнат. Борисов во емисијата рече дека на Груевски му кажал:

„Не е убаво вака. Со другите премиери во Европа имам по десетина средби, тие доаѓаат во Бугарија, ние одиме таму, комуникацијата е прекрасна. Основниот принцип во Европа е дека ништо не е договорено додека се’ не е договорено. Му реков на колегата – ела, дај да позборуваме малку. Не ни оди на двете држави да бидеме во такви односи, ние треба да бидеме во најнајдобри односи и тоа треба да му го покажеме на народот“.

Mazedonien Ministerpräsident Nikola Gruevski
Борисов најави дека денеска ќе вечера со ГруевскиФотографија: MIA

Борисов вели дека Гуевски му одговорил: „Да, но како, кога, медиумите што ќе кажат...?“ Бугарскиот премиер во телевизиската емисија рече дека одговорил: „Кажи само кога, покани ме, доаѓам кај тебе, ќе седнеме, ќе поразговараме, треба да им дадеме знаци на луѓето“.

Една од главните теми на средбата на двајцата премиери се очекува да бидат и македонско-бугарските разговори за склучување спогодба за пријателство и добрососедство, кои, како што оцени Борисов, напредуваат добро. Бугарскиот премиер ќе дојде во Македонија во придружба на шефот на дипломатијата Николај Младенов.

„Нема ништо тајно. Едноставно му реков - ќе дојдам да се видиме, да вечераме, да поразговараме, заедно со министерот за надворешни работи, без почести, без помпозности. Да седнеме како пријатели, како луѓе и да разговараме за она што го прават комисиите. Мислам дека тоа е добар гест, а не лош ", изјави бугарскиот премиер Бојко Борисов.