1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Борба против растечката сиромаштија

15 септември 2010

Социјално-економскиот совет е ново формирано тело. Денеска (15.09.10) треба да биде одржана конститутивната седница, а во фокусот се мерки за борба против растечката сиромаштија во земјата.

https://p.dw.com/p/PCJt
Фотографија: picture alliance/zb

По две децении самостојност, години исполнети со економска неизвесност, финансиски тешкотии и безброј уништени работнички судбини во Македонија се основаше Социјално-економски совет. Ова тело, во кое членуваат претставници на Македонската влада, синдикатот и Конфедерацијата на работодавачи, денеска (15.09.10) одржува конститутивна седница. Стартот во работата се случува во период кога статистиката обелоденува раст на сиромаштијата. Негативниот тренд ја диктира агендата и ги поставува приоритетите. Претседателот на ССМ Живко Митревски за Дојче веле објаснува дека Социјално-економскиот совет им овозможува на работниците поефикасно да се борат за своите права. Претставниците на ССМ ќе предложат на дневен ред да бидат ставени мерки за намалување на невработеноста, односно да се преземат чекори против растечката сиромаштијата. „Станува збор за комплементарни мерки кои одат во прилог на елиминирање на сиромаштијата“, подвлекува Митревски.

Македонија требаше одамна да добие ваков совет

Mazedonien Gewerkschaften Proteste
Протести на СиндикалцитеФотографија: Petr Stojanovski

Социјално-економскиот совет е советодавно тело во кое ќе бидат застапени Владата, работниците и бизнис заедницата. Ќе има мандат да предлага мерки, а основната задача е да овозможи редовна комуникација меѓу клучните чинители во една пазарно ориентирана економија. Македонија требаше многу порано да добие таков совет, согласен е синдикалецот Дојчин Цветановски. „Јас се надевам дека двата синдиката застапени во Социјлано-економскиот совет ќе ги усогласат своите ставови и ќе бидат поставени прашања што ги засегаат работниците“.

Задоволни се и бизнисмените. Сметаат дека начинот на комуникација е многу важен, особено со законодавните органи кои досега често пати носеле мерки што го дефинираат деловниот амбиент без да ги консултираат. Сега шанса да го кажат својот став добиваат и бизнисмените и работниците. Миле Бошков од Конфедерацијата на работодавачи вели: „Владата досега одлучувала самата за своите потези. Многу подобра е комуникацијата во која не се повредуваат чувства, кога ќе се седне на маса и сите фактори ќе ги кажат своите ставови.“

Според негативните трендови во економијата очекувано е дека државата и компаниите ќе се фокусираат на растечката сиромаштија. Последните мерења покажуваат рекордна стапка, 31,1 процент највисок досега.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Александра Трајковска