1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Борба на апаратите во дневната соба

Јан Палокат / Е.М.Фиданоска15 јануари 2013

Сите телевизиски фанатици во моментов гледаат кон Лас Вегас. На саемот за електроника се прикажуваат најновите трендови.

https://p.dw.com/p/17GJh
Фотографија: AP

ХД-техниката со висока резолуција е „од вчера“ - телевизорите со 8,3 милиони пиксели овозможуваат уште појасна слика на екранот. Поголеми, појасни, потенки - такви мора да бидат екраните на новата генерација. Конкуренцијата меѓу електронските гиганти е се‘ поогорчена. Гери Шапиро од Светското здружение на потрошувачи на електроника, оценува:

„Екранот се менува екстремно брзо. Сега имаме Ултра-ХД, со четири пати повисока резолуција од ХД. Имаме и интерактивни смарт-телевизори, како и сосема нови технологии како ЛЦОС (Течен кристал врз силикон). Овде се случуваат неверојатно многу работи.“

Прашањето кому сето тоа му е потребно актерите на саемот не го поставуваат, но затоа пак тоа го прават муштериите ширум светот. Зашто ако се земат предвид сите сфери на потрошувачката електроника, побарувачката минатата година се намалила. Само апаратите кои можат се’, како таблет-компјутери или смартфони, бележат стапки на пораст и ги потиснуваат класичните телевизори, камери или апарати за видео емитување.

Затоа производителите трескавично бараат нови начини за продавање на својата техника. Тренд на саемот во Лас Вегас е „дигиталното здравје“, како електронски фитнес тренер. Друг производ пак, алармира доколку лицето што го употребува јаде пребрзо. Сега уште за ваквите апарати треба да им се разбуди апетит на потрошувачите.