1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Борбата за власт во Романија продолжува

Коментар: Роберт Шварц/ Превод: Жана Ацеска 10 декември 2012

На парламентарните избори во Романија партијата на премиерот Понта освои јасна победа. Но, сега може да ескалира борбата за власт со претседателот Трајан Басеску, смета Роберт Шварц во коментарот.

https://p.dw.com/p/16zF5
Фотографија: Getty Images

Социјално-либералниот сојуз УСЛ на романскиот премиер Виктор Понта успеа. Со освоените 57 проценти од гласовите според неофицијалните резултати, Понта планира, како и што најави, да го смени уставот. Дали директно или заедно со коалиционен партнер, ќе се знае допонително. А тогаш, Бог нека му е напомош на претседателот Трајан Басеску. Уште летоска УСЛ сакаше да ја програби целата власт во итна постапка, да го подреди судството и да го собори конзервативниот шеф на државата, без почитување на правото. Но, обидот пропадна. ЕУ и САД остро го критикуваа однесувањето на социјал-либералите, оценувајќи го за некој вид пуч. Социјалистот Понта и неговите либерални сојузници привремено ретерираа, Басеску остана на функцијата. Но, тоа беше летоска.

Сега, кратко пред Божик, Понта го доби легитимитетот кој му овозможува да го турне Басеску под плаштот на демократски парламентаризам. Тој и неговиот либерален политички сојузник Крин Антонеску и онака немаа друга цел-изборната борба на социјал-либералите беше ориентирана и ограничена исклучиво против омразениот противник. Овие парламентарни избори беа јасна егзистенцијална одлука. А предизвикот на дуел следеше веднаш откако беа познати резултатите: оној кој носи меч, од меч и ќе настрада, вака Понта го цитираше Евангелието, прв посегнувајќи по оружјето.

Јасна објава на војна кон претседателот, кој сега, според уставот, на парламентот треба да му предложи кандидат за премиер. Останува отворено прашањето, кого ќе го именува. Уште пред парламентарните избори, Басеску најави дека нема да го номинира Понта и во случај на победа на УСЛ. Тој го обвини Понта за намера на промена на прозападниот курс на земјата и враќање наназад на реформскиот процес. Доколку сега не бидат прифатени два предлога на претседателот пред парламентот, мора да бидат распишани нови избори.

12.07.2012 DW Quadriga Robert Schwartz
Роберт Шварц

Ако Басеску, спротивно на очекувањата, сепак го предложи Понта, со тоа ја широко ја отвора вратата за сопствено заминување од функцијата. А овојпат УСЛ недвојбено има подобри карти. Политичката поддршка на Басеску е ослабена. Неговиот десно-либерален табор, „Алијансата праведна Романија“, АРД, доби само 20 проценти од гласовите, а политичкиот Сојуз на унгарското малцинство на своја страна сакаат да го привлечат социјал-либералите за да го достигнат двотретинското мнозинство во парламентот. Басеску не може да се надева ни на поддршката на бирачите, според кои е одговорен за последиците на строгиот курс на штедење на претходната влада.

Но, на коцка е многу повеќе од политичката иднина на Басеску, чиј втор мандат и така истекува во 2014. година. Станува збор за демократскиот, проевропски курс на Романија. Дуетот на врвот на УСЛ, Понта и Антонеску, во повеќе наврати ги загрижи партнерите во Берлин, Брисел и Вашингтон. Тешко е да се разбере зошто двајцата политичари во својата земја просто се натпреваруваат во антиевропски и антизападни дискурси, додека во Брисел, како сериозни партнери во ЕУ и НАТО, ветуваат почитување на демократските правила на игра.

Брзо ќе се покаже дали тоа го мислат сериозно, односно дали ќе покажат подготвеност за соработка, т.н. кохабитација со претседателот. Ако не го направат тоа, патот на Романија кон авторитарен, антидемократски развој, како што е случај со Унгарија, или дури кон автократија, како во Украина, веќе не е далеку.